Адаме, кај си? (3)

440

Но дали и има воопшто поместување на оваа ситуација на чувствување на животот како мора? Таков каков што исплови на земна површина тој од Стариот завет полн со темни облаци, од кој целиот свој живот никако не можеше да се ослободи ни Микеланџело. Би рекле има, и за среќа на човекот заглавен во мачнотијата на постоењето, тој разубавува и како пловење против струја ги има шифрите на Свадбата, Орото и Песната. Од тешките облици на Стариот исплови сонцето на Новиот завет, во кој од Таткото е пратен меѓу луѓето Синот да го истрада и искупи нивниот грев. Јас би рекол, драг читателу, повеќе оној сторен на Земјата (што почнува со убиството на Авел), отколку оној на „забранетиот плод“ од Едем, кој е по „грешка“ прогласен за грев. Тоа е, нели, смела хипотеза? Ти би рекол можеби и дрска, но има некоја основа за неа. Оти, грубо речено, во Новиот завет постои корекција, и тоа радикална на Старозаветниот Бог. Тој веќе го напушта принципот на равенката „око за око, заб за заб“, што е всушност еврејскиот световен, старозаветен закон на Мојсеј ставен во устата на евреизираниот Јахве.
И, сега, нашата хипотеза што искокнува надвор од теолошката догма е заснована на битното прашање: дали Бог всушност не се покајал за престрого изречената казна над своите првосознанија во Едем, сфаќајќи ја кобната грешка, па, иако доста задоцнето, го префрла од нив гревот врз себе. И како резултат на таа саморефлексија, тој слегува во облик на Синот (кој, впрочем, постојано нагласува: „јас и отецот сме едно“), и човекообразен, на Земјата, меѓу луѓето за да ги избави нив. Јунг во својот брилијантен есеј-студија за праведникот и страдалник Јов вели исто така дека Господ најверојатно таа одлука ја донел во длабоко покајание за неправдата што му ја нанел на својот најправеден меѓу праведните слуга. Да. Ама тоа е само поводот-последица, кој и ја открива и ја маскира истовремено прапричината: казната за првиот „грев“ со „забранетиот плод“ во Едем, кој потоа, парадоксално, по изгонот од него ќе биде една од најубавите радости на проколнатиот човек во земниот живот. Свадба и животодавен извор на неговото постоење, во кое тој, според волјата на Создателот, со мачнотија го заработува и јаде својот леб, и создаден од прав во прав се враќа.

Нека простат теолозите чии „тешки коњи“ (Де Ружмон) со копитата на догмата многупати само го замаглуваат јасното она што докрај го доразјасни Синот, кој сега, нешто слично како на свадбата во Кана Галилејска, не прави трансцендентална дестилација, но веќе не на водата во вино, туку на старозаветното во новозаветното вино. А разликата тука е радикална. Тоа е во некоја смисла разликата меѓу Таткото (старозаветен) и Синот (новозаветен). Иако Синот постојано нагласува: „Јас и Таткото сме едно.“ А потоа, за да се согледаат внатрешните нијанси на тоа едно, и: „Кој има очи ќе види, кој има уши ќе чуе“. Да, Таткото и Синот се едно, но не и две во Едното. Оти, нели во молитвата во Гетсеманија, имено, Синот му се обрати на таткото: „Ако може, нека ме одмине оваа чаша“, за веднаш потоа да се повлече и да ѝ се покори на неговата волја, испивајќи ја до самото дно неа на Голгота. Чашата полна со пелинот на мачната човекова егзистенција. И сега тука, драг читателу, во јанѕа ни се наметнува прашањето на Стариот и Новиот Адам: не е ли всушност сега првиот од нив Јахве, а вториот Новиот, Исус. Илустрација на Стариот и на Новиот завет: на гревот на Адам и Ева во Стариот и на нивно ослободување од него во Новиот завет. А ослободителот, јасно, е Исус.
Основното прашање-јанѕа сега е прашањето: дали навистина раните и распетието на Голгота конечно го искупија човекот од Тој што „смртта ја победи со смртта“? Оти Човекот-Човештво (Шлаермахер) и по Голгота остана во калта на развратната цивилизација што сам ја создаде. Загубениот и збунет човек, кој требаше да го види, ама не го виде, својот вистински архетип на боголико создание од кое се беше откажал, во ликот на Исус. Тоа беше идејата што ја беше смислил Бог, и тој крунски знак беше откриен во еден од најдраматичните мигови на неговиот Син слезен долу во проколнатото човештво. Знакот со име Новиот трансцендентален, преобразен, обожествен Адам. Тоа беше мигот од судењето на Исус пред фарисејскиот синедрион, кое го водеше римскиот прокуратор Понтиј Пилат. Тој кој, откако рече дека не наоѓа никаква вина во него, ѝ го предаде него на разбеснетата еврејска толпа и си ги изми рацете, воведувајќи го така во оптек амбивалентниот симболизам на миењето на рацете. Но уште нешто, покрај тоа дека не наоѓа вина, рече Пилат.

Нешто многу важно. Рече, предавајќи им го Исус за понатамошна постапка на фарисеите: ESSE HOMO, „Еве го Човекот“ (со голема буква). Пред тоа неговата жена го молеше да го спаси него, бидејќи во сонот се измачувала со неговите страданија. И вистина, постојат историски записи дека потоа Понтиј Пилат бил растргнуван од совеста што не го спасил, а можел да го стори тоа, осудениот без вина, и на крајот умира под нејзиниот тежок товар. Сепак, било како било, макар и несвесно изговорено, ќе биде запаметено неговото ESSE HOMO, „Еве го Човекот“, кое Ниче го стави и како наслов на една своја книга, во која, имено, се обиде да одговори на драматичното прашање поставено од Бог на своето првосоздание: „Адаме, кај си?“ Да одговори, или уште повеќе да го дозагатне него?
А, всушност и Синот Божји, испратен од таткото, требаше да одговори на истото прашање, слезен меѓу проколнатото човештво што го загубило Патот и се одметнало од Бог и Божественото. И тој навистина го даде одговорот. Самиот беше тоа. Ама човекот не го препозна него, освен, парадоксално, иако несвесно, го сугерира имено, Пилат. И тоа е еден од најголемите парадокси од гледна точка на одговорот, поточно на потрагата по него од збунетиот и загубен човек. А Синот, Синот Божји уште од мигот на своето раѓање во јаслите на Витлеем, пред ококорените божествени очи на животните од чудото што први, и пред ангелите, пастирите и мудреците го видоа него, спозна дека ситуацијата на човекот по изгонот од Едем е депресивно безнадежна. Првин тоа го илустрира, по неговото бегство со Марија и Јосиф во Египет, колежот од страна на Ирод на децата во Витлеем. А потоа, во третата деценија од неговиот овоземен живот се случи од истиот злосторник и усекованието на главата на најголемиот меѓу големите по него Јован Крстител, со која на царската гозба во Ерусалим танцуваше перверзната Саломе. А всушност таа глава, драг читателу, беше метонимиски симбол за главата на целото човештво. И тој нејзин симболизам е до ден-денес неизменлив, ако сакаме, до идентитетскиот колеж на Македонците во Преспа. Така, оти и од Голгота наваму цивилизацијата остана иста. Иродовска. Антисвета.

Во неа уште крстосува низ светот, низ голото стрниште во срцето на човекот бакнежот на Јуда Искариотски, а со него рака подрака и прашањето на кое никако да му се најде одговор: „Адаме, кај си?“ Залудни беа раните на Исус, кои Исаија ги препорача во улога на свет фармацевт како лек за раните на изгонетиот од Еден човек. Како негово оздравување. Со еден збор, како трансцендентален лек за негова преобразба од Стар во Нов Адам. Тоа е вистината. Па и Исус којзнае дали беше сигурен дали неговиот проект за обожествување на човекот е успешен. Оти тешко дека тоа можеше да го заклучи од финалниот чин на неговата мисија: Голгота. Иако, сепак вистинското финале беше Воскресението, третиот ден по распнувањето, кое, иронично, беше ветување и за злосторниците што го распнаа. ESSE HOMO! Но дали беше истиот тој Човек на крстот со оној што се вознесуваше по него кон небото од каде што слезе? Оти, повеќе од веројатно е дека она „Адаме, кај си?“, Бог му го упати на оној Човек-Бог на крстот, а не на оној што со смрт ја победи смртта и воскресна од мртвите.
Не знаеме, драг читателу, дали, по сè што се случи и што виде, Синот Божји, кој стопати се нарече не случајно, за да му се приближи на проколнатото и проклето човештво, Синот Човечки, си замина и покрај сè, и покрај распнувањето задоволен од сработеното за кое на Земјата го испрати Таткото, или разочаран. Во секој случај, можеме да претпоставиме дека не беше восхитен. Но ја испи до дно досудената чаша за која во миг на искушение му се помоли на таткото да го одмине, а веднаш потоа се повлече. Оти, иако Божји Син, сега тој ги отвори своето тело и својата душа за исконската рана на проколнатиот и исфрлен од Едем Човек. Раната што по неговото доаѓање кај него се беше префатила во бескрајот. Море без брегови. И тој беше истовремено и жртва и саможртва на олтарот на спасението. Саможртва во божјиот план за тоа, а жртва не само според тој план, како неопходност, туку и според нагонот на проколнатиот човек за темнина и зло. И беше заклан, распнат од него. Од тоа злосторство остана лузна на неговиот врат и по воскресението на небо горе, за што нè известува во Откровението апостол Јован.

И, значи, би Голгота, по што Синот Божји воскресна, но човештвото ништо не научи од неговата наука на Љубовта и Проштевањето. Напротив, го засили злото во, да се послужиме со зборовите на апостол Павле, „расипаниот род“, оној во кого тој ги виде Македонците, кај кои дојде од Троада, „како светила“ што светат со божествен сјај, земајќи ги нив како пример со кој има намера да се пофали пред Господ. Оти тие први ја усвоија со целото свое срце и душа науката на Спасителот, ја кренаа првата Христова црква на Стариот Континент и ја запознаа Европа со новозаветната Радосна вест. Паганска Европа, која за жал до денес, лицемерна, не ја усвои неа и изгради антибожја цивилизација. Па зарем во тој контекст е чудно што таа својот цивилизациски извор го бара во античка Грција, а ја премолчува нејзината јудео-христијанска основа, усвојувајќи го безрезервно историскиот фалсификат на Дројзен за Македонците и македонската древна култура како грчки и игнорирајќи го сведоштвото на Библијата за тоа. Оти на повеќе места во своите посланија и апостол Павле прави јасна етничка разлика меѓу Македонците и Грците. Плус на Грците (Ахајците) им вели да се угледаат на нив како пример за богољубив и правдољубив народ.
Така. Но знаеме во најновата историја како се однесоа Грците кон Македонците во спрега со Европа, вршејќи геноцид над нив, чие ново финале сега беше идентитетскиот колеж во Преспа. И тој геноциден чин со само еден потег на евроамериканската гилотина е налик, ја довикува повторно во нашата свест, сликата на Голгота со распнатиот Исус. Сега Преспа беше распетието на цел еден народ, на „столченото племе“ (Конески) кренато од модерната западна либералкапиталистичка со Иродов сурат цивилизација. И нејзе не ѝ останува по ова злосторство ништо друго освен и таа да умре со смртта што им ја намени на Македонците. Таа, тој „расипан род“ за кој зборуваше апостол Павле, небаре насетувајќи ја во перспектива трагичната судбина што ќе го снајде по милениум и нешто народот што толку многу го засака, та се готвеше со него да се пофали и пред Господ. Народот што толку многу духовна светлина му даде на човештвото, а со толку многу темнина и зло му беше возвратено за тоа. Оти Преспа 2018 е најновата и најбрутална касапница на оваа антихристова цивилизација, која потсетува и на колежот на децата во Витлеем, со цел да се затре светлото и светлината. И две години по Преспа, еве го коронавирусот по цел свет, и во неа како знак што треба добро да го прочитаме и во контекстот на идентитетското злосторство над Македонците. Неодложно!

Да. И така de profundis, nocturno, memento mori и понатаму продолжува да трае светската ноќ, неогреана од Белите мугри на Рацин подготвувани, копнеани за неговата татковина и за светот, за „Куќата – цел свет“ што ја урна оваа варварска цивилизација, „расипаниот род“. Така. И залудно го прашува Бог безбожниот човек: „Адаме, кај си?“ Одговор нема. Нема бидејќи човекот на таа целосно обесветена цивилизација е само роб на капиталот, на ништо друго. Таков, тој не е способен за саморефлексија, за поглед во своето битие и душа што ги нема. Човекот на таа канибалистичка и колонијалистичка, лакома цивилизација до денес не се запрашал што направил на Голгота, во Витлеем и Преспа, и на многу други места каде што извршил злосторства. Таков, разбирливо тој и не е подготвен да одговори на прашањето на Бог: „Адаме, кај си?“ Оти не е свесен за своите злосторства и за ситуацијата во која се наоѓа. Да знае, би одговорил. А, може бог и ќе престане да го поставува него, бидејќи нема резултат, ни по Голгота, ни по Преспа.

(крај)