Демократски капацитет скриен во мрежата

За почеток на 2022 година, која според кинескиот хороскоп ќе биде година на тигарот, неколку реда за вљубениците и обожавателите на теоретскиот дискурс за медиумите. На прагот сме на телезис и на електронските ѕидови веќе гледаме поинаку. На медиумите денес сѐ помалку се гледа како на апокалиптично обоен материјализам, туку како на моќна алатка што ни овозможува да живееме квалитетно време. Тие не го стеснуваат, туку, напротив, го прошируваат нашето искуство.

Наспроти првичните катастрофални предвидувања за зајакнување на тоталитаризмите од секој вид, многубројни се примерите каде што мали и анонимни субјекти прават силен пробив, ползувајќи го „умно“ демократскиот потенцијал што е скриен во Мрежата, се наметнуваат и ги реализираат своите планови, остварувајќи ги притоа своите соништа и претворајќи го виртуелниот занес во реална придобивка. Сѐ повеќе во современото живеење наслушнуваме за извонредни поединци „од нашиот сокак“, најчесто во анализите и написите за т.н. „одлив на мозоци“, кои капирајќи го правовремено потенцијалот на новите информатички технологии и усвојувајќи ја како важен дел од сопствената визија, вртоглаво пораснуваат и се верифицираат како релевантен креативен потенцијал и со своите успеси нѐ уверуваат дека за умните, вредни и амбициозни продолжетоци на нашата реалност, постои извесна надеж. Демократскиот капацитет скриен во мрежата е своевиден продолжен простор низ кој се движиме според нашите сопствени временски ритми и во некоја рака е и демократска придобивка и стварност, која по својот карактер, иако претежно електронска, во нашите стеснети економски услови е вид психолошки баланс. Оваа на изглед цинична мистификација, во суштина е добар показател за правците на општествено-политичкиот ангажман, за развивање и демократизирање на овие суптилни сфери на нашата реалност на кои мора да им се пријде со полна сериозност. Оставањето на овие деликатни задачи на транзициските и рецесиските ветрометини и на апетитите на бизнис-целите и политичкиот волунтаризам е ризично и, долгорочно гледано, можно е да создаде трагичен дисконтинуитет и заостанување.

Што се однесува до прашањето на фундаменталните промени во економијата и во глобалниот општествен поредок, сѐ поизвесна и поприфатлива е тезата (теориски аспект) дека во постинформатичкото општество се можни утопиите од типот социјализам, социјалната правда, комунизам, што во историскиот развиток имаа третман на економски поими и категории. Како резултат на силниот технолошки подем при што се создадени услови за глобална понуда и распределба на информациски добра, во услови на демократски амбиент, индивидуата без оглед дали припаѓа на мали или големи народи, добива еднаква информациска вредносна супстанција и еднаква шанса за сопствен квалитетен развој и надградба, и понатаму за креативна и квалитетна репродукција и интеграција во светските информациски и економски текови.

Додека скептиците во поглед на распределбата на информациските добра очекуваа почеток на нов тоталитарен назор и груба повторна експлоатација на економските и човечки ресурси, ентузијастите и оптимистите предвидуваат ризоматско поткопување на структурите на моќта и вистинско демократско глобално село на интернет.
Во иднина, според предвидувањата, во подем ќе бидат државите со најголеми човечки ресурси и со високоразвиени технологии, а не со суровини во вообичаената смисла на зборот. Постинформациските општества ќе бидат мултиетнички заедници што ќе се базираат врз високотехнолошки профитни економии и во кои луѓето од најразлични меридијани ќе се движат слободно, носејќи со себе врзопи со високоинформатички знаења.

Раскажувањето, вербалната и невербална комуникацијата длабоко се навлезени во електронската доба, која е означена како киберпростор, во која се одвива договорна халуцинација т.н. киберпанк – која секојдневно ја доживуваат милијарди оператори, во секој народ. Децата што учат математички поими чекорат во нова димензија на логицирање и претставување. „Она што на мајката земја се живеело како метафора, како ментална и метафоричка сцена, денес се проектира во стварноста без никаква метафора, во апсолутен простор што во исто време е и простор на симулации“, во кои се материјализираат технологии што веќе се апстрактни, а во исто време се доволно недоречени и оставаат доволно имагинативен простор.

Одразувајќи ги согледбите на франкфуртската школа за медиумско културални индустрии, интересен е аспектот на структуралистичко насочен марксизам, кој мрежата, телевизијата и медиумите воопшто ги концептуализираат како „отелотворено политичко несвесно, лишено од чувството за место и историја“. Постмодернизмот од модернизмот (во медиумите и виртуелниот бескрај) се разликува според тоа што за него наместо епистемолошките прашања примарни стануваат онтолошките. Наместо „што можам да знам за светот“, сега прашањето е „кој е овој од световите“. Впрегнати сме во еден виртуелен хаос каде што сѐ е во постојано движење, насочување и забрзување кон некоја нулта точка на постчовечност, каде што и традиционалниот филозофски дискурс за комплементарноста на времето и просторот е доведен во прашање и пред ново толкување.

Тоа е модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, што и нашата (македонска), со перформанси и содржини, скромна реалност, од ден на ден ја освојува, ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципите на информатичката ера.