Нашата насушна потреба!

Низ три приказни од минатото ќе ја отсликаме суштината на нашата неопходност од знаење, вештини, посветеност, патриотизам. Да бидеме чесни кон себе, имаме голем дефицит од овие нешта. И тоа се провлекува со децении. Но светлина има доволно, само треба да се биде со отворен ум. Ангажманот на странски професори, правници, инженери, агрономи и други специјалисти од разни области, со намера да се изврши преобразба на општеството, не е контроверзен чекор. Историјата ни укажува дека многумина мудри државници ја прифатиле неопходноста од ангажирањето интелигенција однадвор. Што поскоро задоволување на оваа потреба ќе биде во интерес на просперитетот и одржливиот развој на нашата нација и држава

По падот на Западната Римска Империја, голем дел античко наследство било заборавено и настапил период на културно опаѓање на Западот, особено во споредба со Византија и арапската цивилизација, кои биле светски центри на напредокот. Со овој предизвик се соочил средновековниот франечки владетел Карло Велики, познат како Таткото на Европа, кој првпат по падот на Римската Империја обединил голем дел од Западна Европа. Но неговата држава имала недостиг од обучен кадар што би можел да ги пополни редовите на централната и локалната власт. Следствено, во 787 година Карло Велики преку официјална повелба наредил отворање школи што требало да ја создадат идната интелигенција што ќе раководи со државата. Карло исто така успеал да ги предизвика љубопитноста и интересот на најголемите умови во западниот христијански свет, кои пристигнале на неговиот двор. Меѓу нив биле Павел Ѓакон, Петар од Пиза, Павел Аквилејски-Лангобарди, Теодулф, Визигот од Пиринејскиот Полуостров, и легендарниот Алкуин, Англосаксонец од Нортумбрија.

Овие туѓинци биле основата околу која се создала т.н. Палатинска академија при дворот на Карло Велики во Ахен. Портите на академијата биле отворени за сите поданици, без разлика на нивниот статус и потекло. Кога му било соопштено дека сиромашните деца многу побрзо напредуваат во учењето од децата што потекнуваат од богатите фамилии, им се обратил со следните зборовите: „Вие мислите дека затоа што сте богати и синови на големи луѓе во мојата држава, вашето потекло ќе ве заштити. Треба да учите повеќе од сиромашните и зависните. Вие мислите само на вашите задоволства, облеки и игри, но вашето потекло и богатство нема да ја обезбедат вашата иднина, бидејќи ако мирувате додека сте млади, ќе бидете безвредни кога ќе остарите“.

Неговиот стремеж за преобразба на државата ја поттикнува каролиншката ренесанса, која се карактеризирала со енергична културна и интелектуална дејност во рамките на западниот христијански свет, проследен со развој во образованието, книжевноста, архитектурата и сл. Интелектуалците од каролиншката ренесанса повторно ја откривале и зачувувале антиката за идните генерации. Монасите внимателно ги препишувале старите текстови во нови томови, со што овозможиле зачувување на делата на Цицерон, Гај Цезар, Плиниј Помладиот, Овидиј и др.

Втора приказна. Но активноста на овој средновековен владетел не е изолирана појава во историјата. Во холандскиот град Зандам, летото 1687 година, грамаден Русин по име Петар Михајлов, облечен во едноставна облека, затропал на вратата на еден ковач, барајќи простор за изнајмување. Набргу младичот изнајмил мала дрвена куќа и решил да изгради бања во нејзината градина, очекувајќи да се задржи подолго време. Следното утро, Михајлов започнал да работи како столар во едно од градските бродоградилишта. Но неговото спокојство било нарушено од стотина луѓе што се насобрале пред неговата куќа, откако како пожар се проширила веста дека всушност Петар Михајлов е рускиот цар Петар Алексеевич, денес познат како Петар Велики. Младиот цар патувал инкогнито, но бил еден од највисоките мажи во Европа, со висина од 2,3 метри, факт што не можел да го прикрие и поради кој бил препознаен од локалното благородништво. Во Зандам се задржал неколку дена и запловил за Амстердам, каде што бил пречекан од градоначалникот, кој му организирал ново работно место во ограденото бродоградилиште на холандската компанија „Источна Индија“. Следниот ден, царот столар ги засукал ракавите и заминал на работа. Петар бил неизмерно љубопитен цар и одлучил дека во негов најдобар интерес и во интерес на Русија е да го доживее и да го набљудува европскиот секојдневен живот со своите очи, за да ја спознае тајната на европскиот успех.

Петар наследил деспотска и феудална држава, која во однос на напредокот заостанувала зад Европа. Рускиот цар ја согледал потребата од промени и неговиот главен напор бил насочен кон модернизацијата на Русија, но се соочил со недостиг од кадар. Всушност, посетата на Холандија била почетокот од маршрутата на т.н. голема амбасада предводена од рускиот цар во Западна Европа, во чиј тек биле ангажирани голем број европски специјалисти, кои подоцна учествувале во руската преобразба. И покрај спротивставувањата на промените, Петар не се поколебал и ги применил замислените новитети во војската, црквата, образованието и економијата. Реформите ѝ овозможиле на Русија да се вброи меѓу големите европските сили, станувајќи основа на рускиот државен систем сѐ до Октомвриската револуција во 1917 година.
Неразвиените општества честопати се соочуваат со недостиг од стручен кадар што би можел да ги оствари и надгледува изискуваните промени во општествено-политичкиот живот. Мудрите државници честопати ја прифаќаат нужноста од ангажман на туѓинци со намера да ги реализираат потребните реформи, како што е примерот со Петар Велики.

Трета приказна. Едно од најголемите видоизменување на едно општество е мејџи џидај – период од историјата на Јапонија, кој траел 45 години. Јапонците управувани од шогунатот Токугава живееле мирно и спокојно во текот на 268 години. Но нивната идиличност завршила во 1853 година, кога американскиот комодор Метју Пери со своите воени бродови го принудил шогунот да ги отвори пристаништата за трговија. Јапонците разбрале дека доколку не остварат суштински реформи, нивната земја еден ден би можела да стане колонија или полуколонија на некоја од западните држави, како што биле Индија и Кина. Јапонската елита го соборила шогунот и му ја вратила власта на императорот, кој дотогаш имал само симболична улога. По реставрацијата, реформските сили се соочиле со истата тешкотија со која се соочиле Карло Велики и Петар Велики – недостиг од експерти. Проблемот бил решен кога Владата и локалните власти ангажирале странски граѓани што ги поседувале потребните знаења и вештини.

Вкупниот број на странците што добиле задолженија изнесувал околу 3.000 лица, а до 1899 година повеќе од 800 лица добиле работни обврски како владини советници. Во 1874 година, Јапонија издвојувала 2 милиони фунти, односно 33 отсто од својот буџет за платите на надворешните специјалисти. Туѓинците имале професии во различни области – инструктори, професори, правници, инженери, воени офицери, агрономи, уметници, музичари и др. Тие пристигнувале од Соединетите Американски Држави, Германија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Австро-Унгарија, Холандија, Русија, Швајцарија, Франција и други држави. Владата не се стремела кон постојано ангажирање на странците, напротив, постепено биле заменувани од млад јапонски кадар што бил создаван од самите туѓинци или се школувал во западните држави. По престанокот на договорите, повеќето од нив се вратиле во своите држави, а малкумина останале во Јапонија.

Ангажманот на странски експерти со намера да се изврши преобразба на општеството не е контроверзен чекор. Јапонија со помош на странските специјалисти и нивните совети се трансформирала од изолирано феудално општество во модерна и индустријализирана држава. Јапонската преобразба светот ја видел во текот на Руско-јапонската војна (1904-1905 год.), кога првпат во модерната ера, една азиска држава воено триумфирала над европска држава, со што Јапонија се вброила меѓу светските сили.

Ако сме чесни кон себе, ќе признаеме дека ние имаме голем дефицит од знаење, вештини, посветеност, здрав патриотски дух. И тоа се провлекува со децении. Но светлина има доволно, само треба да се биде со отворен ум. Ангажманот на странски професори, правници, инженери, агрономи и други специјалисти од разни области, со намера да се изврши преобразба на општеството, не е контроверзен чекор. Историјата ни укажува дека многумина мудри државници ја прифатиле неопходноста од ангажирањето интелекти и добронамерни луѓе однадвор. Што поскоро задоволување на оваа потреба ќе биде во интерес на просперитетот и одржливиот развој на нашата нација и држава.