За револуционерот и новинар Никола Кирков

Што ми текна да се потсетам на новинарската легенда Никола Кирков? Тој е род на гемиџијата Костадин Кирков…

Моето дружење со весникот „Нова Македонија“ во многу подлабок, публицистичко-издавачки облик датира од 1990 година. Таа година на страниците на весникот „Нова Македонија“, од 13 април до 15 мај, го објавив фељтонот „Вистината за Прохор Пчињски“. По два месеца следуваше печатење на фељтонот во форма на книга и нејзина промоција во зградата на НИП „Нова Македонија“. Книгата беше издание на нивната библиотека „Сведоштва“. На 27 април 2020 година почнав да го читам необјавениот ракопис – книга прва „Луѓе, времиња“ од Стојан Андов. Андов беше претседател на македонскиот парламент, по третпат 2000-2002 година, а јас тие години бев државен обвинител. Во воведот на ракописот запишал животна биографија и професионална политичка кариера до смртта на Јосип Броз-Тито, 1980 година. Авторот Андов, меѓу другото, во воведот ќе запише: „Од први октомври 1955 година почнавме да работиме група млади луѓе, претежно студенти, како приправници новинари во ’Нова Македонија’. И во тоа време новинарството беше популарно меѓу младите. А, ако ништо друго, бевме горди кога нашите имиња излегуваа во весници, пред сѐ во ’Нова Македонија’ и во синдикалниот весник ’Труд’ што излегуваше тогаш. Во ’Нова Македонија’ ние ги затекнавме старите македонски асови: Бранко Заревски, Бане Ковач, Лазо Наумовски, Радуле Костовски, доаѓаа и уредничката на ’Просветена жена’, Ружа Бак, потоа Илчо Зафировски, Никола Кирков, Велко Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Свето Серафимов, Панче Михајлов, браќата Јордан и Димче Брашански, Милчо Коцев и други.“

Новинарот Никола Кирков ќе му биде уредник во редакцијата за стопанство на новинарот Стојан Андов. Новинарот Кирков е роден на 21 јуни 1920 година во Велес. За време на војната, како партизан робијаш е во скопскиот затвор „Идризово“. Во 1944 година бега од затворот „Идризово“. Нашиот познат новинар Борис Поп Ѓорчев, дописник од Москва, ми раскажуваше за животот на Никола Кирков. Новинарот Никола Кирков бил и дописник од Софија. Со историјата на весникот „Нова Македонија“ се запознав директно листајќи ги страниците од него од 1945 година. Истражував во весникот за теророт на грчките монархофашистички банди во Егејска Македонија. За страдањето на Македонците и нивниот прогон од селата имаше многу потресни репортажи, сведоштва за ѕверствата што ги правеле грчките монархофашисти врз македонското население. Еден од најчестите новинари репортери на тие статии беше тогаш новинарот Никола Кирков. Со него ме запозна новинарот Христо Андоноски, кој објавуваше репортажи од тие трагични настани во весникот „Глас на Егејците“. Тоа беа годините 1989-1990 на дружење со Кирков, а меѓу нас остана трајно пријателство.

Во 1991 година ја објавив книгата „Прогонети“ во НИП, студентски збор. Во ракописот ја користев репортажата на Никола Кирков. Таа беше објавена на страниците на весникот „Нова Македонија“ под наслов „Како пострада селото Чеган од монархофашистичкиот терор“, со датум од 4 март 1947 година. Никола Кирков е застапен во мојата книга „Прогонети“. Извадоци од книгата во фељтон објавив во весникот „Република“, на 5 декември истата година. Наслов на фељтонот беше „Голготата на прогонетите Македонци“. Весникот го уредува писателот Јордан Плевнеш. Селото Чеган се наоѓа на планинскиот масив Кајмакчалан, Воденска околија.

Тоа е родното село на мојот татко Мичо. Мичо во воените години беше еден од најмладите офицери, капетан на Демократската армија на Грција (ДАГ) во Егејска Македонија. Заврши во 1949-та во полската болница „250“, како тежок воен инвалид. Роден сум во 1952 година во градот Џорџонов, Долношлеско Војводство, Полска, 1952 година. Судбината пак ме поврза сега со трагичниот смртен настан на бардот на македонското новинарство Никола Кирков. Тоа време бев истражен судија во Основниот суд Скопје 2 – Скопје. Имено, на 19 ноември 1993 година бев истражен судија од дежурниот оперативен центар – доц. 92 ми се јавија дека на пешачки премин смртно е повреден пешакот Никола Кирков. Не претпоставував дека се работи за новинарот Никола Кирков. Сообраќајката се случи пред „Клубот на пратеници“, некаде околу 16 часот. Возачот што ја предизвика сообраќајната незгода беше службеник на државна безбедност, на тајната полиција. Со дежурната обвинителката Катица Соколовска на ОЈО Скопје пристигнавме на местото на несреќата, извршивме увид заедно со крим-полицијата. Веднаш се упативме во Државна болница, го најдовме Никола во крв тешко повреден, лежеше на кревет. Докторот што го прими беше видно возбуден. Го фатив за раката, се доближив до неговото лице, му кажав дека сум јас.

Тој ми климна со главата, ме препозна. Му реков, го охрабрив да не се грижи, ќе преживее. Но ноќта почина од тешките повреди на главата. И ден-денес не можам да го заборавам неговиот лик на благороден тивок човек и извонреден новинар. Тоа беше последната средба, збогување со новинарот Никола Кирков. Внук на Костадин Кирков по мајчина лоза е познатиот филмски режисер Милчо Манчевски (Кирков). Во 2000 година во селото Штавица, Мариовско, бев присутен на снимањето на неговиот филм „Прашина“. Мотото патриотско на гемиџиите: „Животот го арчиме за Македонија“.