Две илјади и дваесетта, oди си и не повторувај се!

476

И не дека во Македонија не сме имале тешки периоди, сме поминале низ распад, блокади, ембарга, војни, бегалски кризи… И сега поминуваме низ исклучителен тежок период, со голема цена во здравствени последици и животи, како и изгубени работни места. Не е разликата во тежината, разликата е во губењето надеж дека ќе биде
подобро!

Како ретко за која година во нашите животни векови, 2020 година е година за која може да кажеме: 2020-та, оди си и не повторувај се! Пандемијата на ковид-19, или популарно короната, го погоди светот и нас на невиден начин! Светот беше толку преокупиран со справувањето со коронавирусот, што ги фрли во сенка сите тековни и историски конфликти, или барем ја одложи нивната ескалација. Секако, предизвикот на пандемијата, и здравствен, со над милион починати, и економски, со потешки последици од финансиската криза во 2008-та, веројатно најголеми во последните неколку децении, е прашањето што ја означи годината и поради кое би сакале оваа година да не се повтори.

А 2018 година беше година на крај на статус квото, на глобално ниво предизвикано од Доналд Трамп, 2019 година од година на нова надеж, сепак се претвори во година на нови грижи, со можност во 2020 година за ескалација дури до прашањето ќе има ли трета светска војна. Ако не трета светска војна, но имаше можност за првиот поголем геополитички инцидент во децении, како војна со Иран, или конфликт САД – Кина. Но веројатноста за поголем геополитички инцидент, која се сметаше дека е намалена од кризата на политичките институции во САД и секако со претседателските избори, дефинитивно се одложи поради вниманието и ресурсите што сите влади мораа да му ги посветат на ковид-19. Само за илустрација, само за вакцинација на В Британија ќе ѝ бидат потребни 12 милијарди фунти. Кога толку ресурси треба да ѝ се посветат на пандемијата, нема за други работи, на пример за војна.

Најголемиот дел глобални прашања беа и продолжија во негативен тренд, од трансатлантските сојузи (НАТО), Европската Унија, Запад – Русија, Запад – ислам, до САД – Кина, глобалната трговија, сајбер-безбедноста итн. На пример, во 2020 година се случи најголемиот сајбер-напад во САД, на над 18.000 институции и фирми, за кој вината се фрла врз Русија, но претседателката транзиција во САД го одлага американскиот одговор за 2021 година. Израел по низа години повторно изврши атентат во Иран врз атомски научници. Турција со своите регионални амбиции води војни од Либија до Ерменија/Азербејџан.

Јасно е дека текот на овие односи ќе биде одреден од новиот претседател на САД – Џо Бајден. Иако претседателските избори во САД предизвикуваа потсмев во многу земји, во основа го потврдија демократскиот капацитет на земјата. Иако многу политички институции беа во криза, и покрај очигледните напори на Доналд Трамп да ја вовлече земјата во сериозна криза на транзиција на претседателството, се најде изолиран во тие намери. Функционери на високи позиции дадоа оставки, судството, и покрај големите притисоци, остана непристрасно, војската и да не коментираме, ги одби сите можности за замешување. Најавите за изборот на тимот на Џо Бајден укажуваат на враќање на посветеноста на трансатлантската соработка. Но, како што пишував, „Трамп е готов, да живее трампизмот“, на САД ќе им треба време и за консолидација дома.

А ЕУ? ЕУ заглавена во својата поделба меѓу заедничките и националните интереси. Сепак ковид-19 предизвика стрес, но и чувство на ургентност на барање решенија за одредени ризици. По напорни преговори, ЕУ воспостави фонд од 750 милијарди евра за справување со ковид-19, прифатлив и за Северот и за Југот. Дури се најде начин да се надминат заканите за блокади од Полска и од Унгарија. ЕУ постигна договор и за уште едно горливо прашање – дали ќе има брегзит без договор. Во 5 минути до 12 часот, Велика Британија и ЕУ постигнаа сеопфатен трговски договор и со тоа сепак се демонстрира капацитетот за договарање.

Вака пишувајќи, се коригира оцената на 2020 година, надвор од коронавирусот, бидејќи САД го поминаа тестот на институциите, ЕУ постигна договор за одговорот на ковид-19, како и договор со Велика Британија за брегзитот. По сѐ изгледа потемните перспективи потекнуваат од кај нас дома. И не дека во Македонија не сме имале тешки периоди, сме поминале низ распад, блокади, ембарга, војни. И сега поминуваме низ исклучителен тежок период, со голема цена во здравствени последици по животи и изгубени работни места. Не е разликата во тежината, разликата е во губењето надеж дека ќе биде подобро!
Таа пуста ЕУ, мамка што нашите политичари ја употребуваат за одржување на нашата надеж во транзицискиот маратон, се чини ја губи својата мотивациска моќ. Од ветувањата дека само уште името да го решиме и ЕУ ќе нѐ пречека со раширени раце, нема ништо… По Грција, блокада од Франција и сега од Бугарија, со многу мало внимание од ЕУ, развлечена од дополнителниот товар на ковид-19 и Брегзит.
Македонците сѐ повеќе се разочарани од својот политички естаблишмент, а тој решението го бара во нова ескалација на поларизацијата, во нови меѓусебни јазови, во кои се погребува и така малиот капацитет за политички дијалог. А тој капацитет е суштествен и неопходен за каков било развој и прогрес! Без него, придобивките од каков било прогрес ќе бидат потрошени во внатрешните делби и јазови! Затоа, 2020-та, оди си и не повторувај се!
Среќна Нова, 2021 година! Среќни празници!

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #2020 #2021