Врховниот судија Фаик Арслани е избран за в.д. претседател на Врховниот суд, откако претходно Судскиот совет на денешната седница го разреши Јово Вангеловски од функцијата претседател, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Арслани е роден во 1959 година во селото Добридол, Гостиварско. Студиите ги завршил на Правниот факултет во Нови Сад во рамки на Југославија.

Во неговата биографија стои дека бил вработен во Опшинското јавно обвинителство – Гостивар, по што работел и како претседател на Општинскиот суд за прекршоци – Гостивар.

Од 1996 година до 2001 година бил судија при Основниот суд Гостивар. Во следните две години е назначен за министер за локална самоуправа при Владата, а потоа до 2008 година работи како адвокат со седиште во Гостивар. Од 2008 година Арслани е член на Советот на јавните обвинители на РМ избран со одлука на Собранието. Од септември, две години подоцна работи како судија на Врховниот суд на Република Македонија.