Претседателот на Владата Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, заедно со пратеничките Марија Костадинова и Драгица Ѓавочанова и градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, беа на увид на реконструираната Општа Болница во Гевгелија каде е изградена нова современа хируршка сала со нова медицинска опрема и во центарот за дијабетес и одделот за физикална терапија.
„ Продолжуваме со низата капитални инвестиции во правец на подобрување на здравствените услуги за нашите граѓани кои се спроведуваа и се спроведуваат паралелно со целосната посветеност на здравствените работници во борбата со пандемијата. Вкупната вредност на работите што беа изведени изнесува 375.000 евра и беа опфатени и други значајни дополнувања како што се новиот центар за дијабет, нова комплетно опремена лабораторија, амбуланти за неврологија, урологија и ортопедија, и современи чекални“, истакна премиерот Заев и како особено значајно ја издвои новоизградената современа хируршка сала и набавката на медицинска опрема во вредност поголема од 250.000 евра за салата за хирургија, за центарот за дијабетес и за Одделот за физикална терапија.

Тој дополни дека болницата сега располага и со нов ехо апарат на Одделот за рентген дијагностика и со комплетно реновирани одделенија за хирургија, за нервни болести и за гинеколошко акушерски болести.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека до крајот на годината оваа болница ќе добие апарат за компјутерска томографија, што многу ќе го олесни пристапот за вакви испитувања.