Вкупно 86 проценти од вработувањата во институциите пред изборите се службеници, додека 94 проценти од вработувањата по изборите се директори, покажало истражувањето „Процедурите на вработување во администрацијата на централно и на локално ниво по изборите“ што го спровела Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Според Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, во Македонија има општа согласност дека принципот на вработување е врз политичката припадност, а не врз системот на заслуги.
– Без разлика дали ја имаме практиката или не. Самата перцепција на граѓаните е дека тоа постои и тоа се правилата на игра што создаваат очекувања на граѓаните и тие се приспособуваат на тие правила. Се создава поволна почва за клиентелизам во општеството – објасни Поповиќ.
Заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, рече дека ваквите истражувања се важни за воспоставување одговорна, деполитизирана и транспарентна локална администрација, бидејќи ја покажуваат вистинската слика за јавната администрација.
– Администрацијата на локално ниво од 2005 година е двојно зголемена. Според последните податоци, локалната администрација има околу 6.000 вработени и тоа нема да беше проблем ако беа најдобрите и највредните во општеството. За жал, сите сме свесни до кој степен е политизирана јавната администрација во последните 12 години. Тоа ја зголеми недовербата во системот кај граѓаните – рече Павлески.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Јакнење на Платформата на граѓански организации за борба против корупција“ и поддржано е од Проектот за граѓанско учество на УСАИД. Резултатите покажале дека постојат два главни феномена во перцепцијата на испитаниците за процесот на вработувањето во администрацијата. Прво е негативниот стереотип на чувството на безизлезност и незадоволство од партиски вработувања и непотизам во администрацијата, а вториот е чувство на скромна надеж дека со промена на власта ќе се придвижат работите на подобро.
Според истражувањето, дури и кога постојат транспарентност и законитост во постапките, се прават манипулации во процесот на вработување. Така, за 66 проценти од испитаниците процесот на вработување е транспарентен, додека 79 проценти од испитаниците рекле дека правилно се спроведува постапката. Сепак, повеќето од испитаниците сметаат дека проблемот е во систематизацијата на работните места и приспособувањето на јавните огласи однапред. П.Р.