Феномен на семејни политички спротивности во светлина на спогодбата со Грција

Едно од најуспешните и најприсутни семејства во политичкиот живот во Република Македонија од времето на нејзината независност, од 1991 година до денес, е семејството на професорот Димитар Димитров, неговата сопруга Ратка и синот Никола. Патер фамилијас Димитар е роден пред 82 години во Егејска Македонија, во селото што порано се викаше Цакони. Неговото семејство пребегало во Македонија за време на Граѓанската војна во Грција. Во два наврата бил министер за култура, во првата влада на Никола Кљусев и во Владата на Љупчо Георгиевски. Мандатите му траеле нешто повеќе од една година, во двата случаја. Енциклопедиски се води како македонски поет, есеист, критичар, писател за деца, политичар и дипломат.
Мошне се интересни неговата политичка кариера и ставовите што ги застапувал низ годините.

Кои позиции го обележуваат неговото политичко и национално дејствување?

Има две крупни прашања што ги обележуваат неговите национални и политички позиции во последниве триесетина години. Во книгата „Македонското прашање од 1944 до денес“, бугарскиот доктор по историја Чавдар Маринов има напишано дека „самиот Димитров, пак, не го крие своето бугарско самоопределување и во својата книга ’Името и умот’ тој вели дека е фрустриран од ’искоренувањето’ на Македонците од нивните бугарски корени“ (затворен цитат).

Споменатата книга е објавена во 1999 година. Во неа тој фрла отровни стрели кон македонскиот јазик, кој го смета за србизиран, и кон Блаже Конески. Атанас Вангелов, македонскиот писател и критичар, ја потврдува неговата бугарска определба и оценува дека во таа книга има безброј места што по инспирација и дух се класично врховистички, а со оглед на времето во кое се појавија треба слободно да се наречат „радикален и потврден неоврховизам“ на нашето време. На штета на Македонија, се разбира.

Второто прашање што предизвикува големи дилеми се неговите ставови за името на Република Македонија и спорот што го има со Грција. Во својата колумна под наслов „Уште еден акт на велепредавство“, пишувана во 1995 година, за спорот за името наведува дека „На дело е уште еден удар по македонското национално битие во негативна традиција на Берлинскиот конгрес (1878), на Букурешкиот договор (1913) и на комунистичкиот удар против асномската држава (1940-тите)“.

Што пишуваше професорот Димитар Димитров во 1995 година?

Во конвергенција со автономниот стратегиски интерес на македонскиот народ беа гестовите на Бадентер, на Желев и на други државници што го поддржаа неговото легитимно право на своја држава – Република Македонија, пишува Димитров. Судот на најмеродавното тело на Европската заедница (Бадентеровата комисија) беше недвосмислен: името на државата (Република Македонија) не подразбира територијални претензии, односно закана по идентитетот на друга држава. Од каде, тогаш, таа толкава сила на грчката „интерпретација“, која практично услови, пред повеќе од две години, промена на името во БЈРМ, измена на Уставот, а сега условува нови измени на Уставот и одземање на знамето? Зад тоа гледам, надвор, робување на хипотеката од споменатата негативна традиција од страна на европските, на светските институции и на најсилната држава; а, дома – континуитет на недемократската, ненародна власт, која практикува велепредавство.

Така, суштински македонскиот народ и натаму е предмет на манипулации, без свое автономно и демократско (ре)презентирање.
Аранжманот на сегашниот чин, надвор и дома, е понижувачки, срамен и апсурден. Се користи војната во Босна и во Хрватска за притисок врз нас, а ние со Словенците сме надвор од војната! Словенија се остава на мир, и така треба да биде, зашто таа е Република Словенија, а нас нѐ (мал)третираат како југословенски проблем, зашто ние сме бивша југословенска Република Македонија. Претседателот на републиката (се однесува на Киро Глигоров з.н.) два месеца перманентно присутен на „Охридско лето“, на „Струшките вечери“ и на „Охридскиот маратон“, кукавички се крие; валканата работа му ја врши еден недоветен министер; Парламентот, во контрадикција со поимот, молчи; новинарството се ставa во пандурска улога на беспоговорно алиби на власта, како опиум за народот.

А ништо не се решава: името (БЈРМ – тој ковчег за нацијата) си останува, исто и визно-пасошкиот режим. Укинувањето на ембаргото не е соодветен еквивалент; тоа е домен на реципроцитет. Материјалната помош како награда на „македонската кооперативност“, извинете, смрди на проституција, како и неодамнешната идеја за Централна балканска република што ја обелодени Тупурковски. Македонскиот народ е пред судбински тест. На политичката опозиција и на граѓанските асоцијации им претстои одговорна работа на проект на темелно движење на отпорот, од кое ќе произлезе влада на национален спас и вонредни избори. Раката да му се исуши – кој ќе стави потпис на најавената спогодба!“

Така пишуваше професорот Димитар Димитров во 1995 година, кога имаше околу 60 години. Сега, кога наполни осумдесет, има сосема поинакви, спротивни ставови. Ја поддржува спогодбата со Грција, ги поддржува предлозите за промена на името и за уставните измени, со кои македонскиот народ ќе се преименува во северномакедонски.

Ратка Димитрова: Промена на името – национална самоликвидација!

Неговата сопруга, госпоѓата Ратка Димитрова, има завршено музичка академија во Љубљана, отсек виолина. Во Собранието на РМ во 1993 година, по приемот на државата во ООН под привремената референца поранешна југословенска Република Македонија, беше една од оние пратеници на ВМРО- ДПМНЕ што жестоко го критикуваа прифаќањето на привременото име. Таа оцени дека со тој чин се отвора процес на државна и национална самоликвидација. Од моментот на преименувањето престанува реалноста на РМ, изјави таа од собраниската говорница. Името е проект. Проектот суверена и самостојна Република Македонија темелно се деструира, на меѓународно ниво, и се укинува државниот суверенитет. Со тоа прифаќање се крши Уставот зад грбот на народот, зад грбот на Собранието и зад грбот на Уставната комисија, се врши тешка повреда на човековите права на мнозинскиот народ, се кршат не само правните норми туку и основните морални принципи и принципите на елементарната граѓанска чесност.

Останува историската одговорност на претседателот на Републиката, Киро Глигоров, што во ниеден момент не ги свика сите политички субјекти во земјата и не се ни обиде да постигне консензус. Со тоа длабоко го подели народот. Целото македонско иселеништво и 604 интелектуалци го потпишаа Манифестот за одбрана на името, меѓу кои и највидни умови од областа на науката, уметноста, културата, 10 академици и голем број универзитетски професори. Сите тие се изјаснија против приемот со привремено нарекување. Голема и претешка е улогата на новинарите во овој момент. Тие се раката што овозможува народот да се држи во заблуда, за да не разбере што му се случува и што го очекува сѐ додека не биде предоцна. Бескрајно жалам што пратениците на позицијата со неопислива леснотија допуштаат да бидат инструмент за креирање една политика на база на една идеологија што можеби не можат докрај да ја одмерат.
Така беседеше Ратка Димитрова во 1993 година во македонското Собрание.

Министерот Никола Димитров, наспроти семејството, со автономен политички став

Никола Димитров, роден во 1972 година, е нивниот син, кој својата кариера ја одржува повеќе од дваесет години. Се вработил во Министерството за надворешни работи, поттикнат и од својот професор по меѓународна политика на Правниот факултет во Скопје и сегашен неформален советник Љубомир Фрчкоски. Работел во кабинетот на Борис Трајковски од 2000 до 2001 година, како советник за национална безбедност. Подоцна, во времето на претседателствувањето на Бранко Црвенковски, тој беше преговарач за името, сега е министер за надворешни работи во владата на Заев. Димитров стави свој потпис на договорот Грција со што даде свој голем придонес за промена на уставното име на земјата.

Со прашањето за името во спорот со Грција, Никола Димитров се занимава повеќе од десет години, главно во времето на Никола Груевски. Од 2008 до 2011 година е козастапник на Република Македонија пред Меѓународниот суд на правдата (примена на Привремената спогодба од 1995 година), од 2007 до 2008 е специјален пратеник на Владата на Република Македонија за европски и евроатлантски интеграции во Брисел, Кралство Белгија, од 2006 до 2009 национален координатор за интеграција на Република Македонија во НАТО. Министерот Димитров од 2003 до 2008 година беше специјален пратеник на Република Македонија во разговорите за надминување на разликата околу името со Република Грција, под покровителство на Обединетите нации, а од 2001 до 2006 година вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Вашингтон, САД. Димитров заедно со Антонио Милошоски го бранеше името пред Меѓународниот суд во Хаг, преку што постигнаа поволни решенија за Македонија.

Во сите тие ситуации, во оваа исклучително богата политичко-дипломатска кариера, Димитров ги бранеше дотогашните позиции на владите и претседателите на Македонија што не прифаќаа решенија ерга омнес, ниту пак некоја драстична промена на Уставот, идентитетот и јазикот. Магистрирал на правни науки на Кембриџ. Во 2012 година добил сертификат за професионална обука „Џон Ф. Кенеди“, на Факултетот за администрација при универзитетот „Харвард“.

(Екипа на „Нова Македонија“)