Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, порача дека конечно е ставен крај на најголемиот проблем со кој граѓаните на Трубарево се соочувале цели 17 години, а тоа како што вели е изградбата на функционална фекална канализација.

– Имам добра вест за жителите на Трубарево. Ветив дека ова населено место ќе добие функционална фекална канализација и пречистителна станица и тоа го исполнив. Иако проектот беше ветен уште во 2002 година но не исполнет, а жителите беа оставени на милост и немилост. Изградената фекална канализација не беше функционална, ниту некој се грижеше за неа. Конечно, ставивме крај на најголемиот проблем со кој се соочуваа граѓаните цели 17 години. Септичките јами ќе бидат минато, а со тоа ќе добијат достојни услови за живот – истакна тој.

Системот е со вкупна должина од седум километри од кои примарни и секундарни линии се изведени во должина од пет километри.

Георгиевски додава дека се соочиле со проблем во потиснатиот цевковод, стар 17 години, кој бил комплетно оштетен и нефункционален. Нагласи дека дефектот на потиснатата цевка е отстранет и вратен во функција.

– Дополнително поставивме четири нови шахти на улицата број 2, кои придонесуваат за ефикасност на функционалноста на системот. Наш приоритет беше да го ставиме во функција комплетниот систем и сите примарни и секундарни краци и да се поврзат на едно место. Со тоа се изврши поврзување со последната препумпна станица која ги исфрла фекалните води под колосеците на железничката пруга и реката Вардар. Опремувањето на последната препумпна станица, која се наоѓа на улицата број 2, беше завршено во мај – додаде тој.

Со завршувањето на последната препумпна станица и сите краци што водат кон неа, како што објасни Георгиевски, се овозможува голем број на корисници да почнат да ја користат фекалната мрежа, а домаќинствата кои не се дел од мрежата, ќе бидат приклучени.

Тој истакна дека сите улици кои беа ископани за да се постави мрежата, се повторно асфалтирани и вратени во целосна функција, освен две до три улици на кои се работеше во изминатите месеци, а кои ќе бидат асфалтирани.

Комплетниот проект за изградба на фекалниот колектор е реализиран со околу 35 милиони денари, средства на општината.

Дополнително се предвидени и нови 6 милиони денари за во наредниот период да се приклучат уште две маала во ова населено место кои не се приклучени на колекторскиот систем и тоа бесплатно од страна на општината до нивниот двор.
Инвестираме во капитални инфраструктурни проекти за здрава животна средина и подобар живот.