Mинистерот за правда, Бојан Маричиќ, го одржа првиот брифинг за медиумите на кој ја претстави реформската агенда на Министерството за правда и даде повеќе детали за жешките прашања во ресорот.

Прочистувањето на правосудството беше клучната тема на овој брифинг, а секако овде спаѓаат и темите како ревизијата на судските случаи и кадровското зајакнување на правосудството.

Маричиќ истакна дека целта на овие процеси е да се врати довербата на јавноста во правосудството, имајќи предвид дека за одредени предмети кривичниот прогон прекинал поради застарување на делото, но и дека на дел од предметите им се заканува слично сценарио.

Тој прецизираше дека прочистувањето треба да биде спроведено објективно и непристрасно, односно да се лоцираат обвинителите и судиите кои работат нечесно, а потенцираше дека тоа нема да биде процес на прогон. Токму затоа, министерот Маричиќ најави дека процесот на прочистување мора да биде кредибилен процес во кој јавноста треба да има доверба, а во кој судиите и обвинителите, стручната јавност и меѓународните партнери мора да бидат вклучени.

Во однос на почетокот на формалниот почеток на преговорите со ЕУ, Министерот Маричиќ истакна дека очекува во декември оваа година, за време на германското претседателство, Република Северна Македонија да ја има првата меѓувладина конференција. Маричиќ истакна дека втората половина на наредната година би требало да се отворат преговорите за Поглавје 23: Правосудство и фундаментални права.

ЕУ-мониторингот на судските случаи се очекува да почне на почетокот на идната година, околу 50 случаи годишно под мониторинг на ОБСЕ брифираше министерот Маричиќ. Тој додаде дека станува збор за процес кој треба да ја зголеми довербата на јавноста во правосудството, но и да ја увери Европската Унија дека навистина се спроведуваат законските принципи и во конкретни случаи, особено случаи на висока корупција.

На прашањето за тоа дали постои резервираност од страна на Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители во однос на прочистувањето или, пак, сакаат да соработуваат, Маричиќ одговори дека во првиот круг на средби сите се заинтересирани да се покажат резултати во правосудството.

– Нормално судската власт е посебна, но делот на зајакнување на одговорноста, отчетноста и ефикасноста и тоа како е работа на Владата. Моја клучна порака беше дека во тој дел ќе мораме заедно да работиме и да испорачаме резултати. И од претседателот на Судскиот совет и од претседателот на Советот на Јавни обвинители добив уверување дека заедно ќе работиме на овој модел, секако државниот јавен обвинител и претседателот на Врховниот суд, дека сите тие ќе се вклучат ефективно во креирањето на моделот, но и во неговото спроведување. Без партнери во овие клучни институции тешко ќе успееме – истакна Маричиќ.