Џошуа Шерман на средбата ја претставуваше македонската заедница во Сиднеј

Претставници на македонската заедница во Сиднеј се сретнаа со австралиската министерка за надворешни работи Марис Пејн и со други државни службеници со цел да дискутираат за прашања од стратешка важност за македонската заедница, како и за унапредување на меѓусебните врски.

– Австралиско-македонскиот совет за Нов Јужен Велс е посветен на поддршката на застапувањето и поддржувањето на македонската заедница, како и во осигурување на правата на австралиските Македонци за самоопределба во поглед на нивното потекло, јазик, религија, место на раѓање, вклучително во сите односи со државните и владини служби – кажа претседателот на Австралиско-македонскиот совет за Нов Јужен Велс, Џошуа Шерман, кој ја претставуваше македонската заедница на состанокот.

Министерката ги препозна и напорите на македонската заедница за собирање на средства за помош на пределите погодени од пожарите во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс.

Во фокусот на состанокот се најде и Преспанскиот договор, како и неговите потенцијални последици по македонската заедница во Австралија. Конкретно, беше разговарано за правата поврзани со самоидентификацијата, јазикот, религијата и местото на раѓање на Македонците во Австралија, за ефектот на странските геополитички прашања врз домашната политика на Австралија во поглед на мултикултурните заедници, како и за справување со странското мешање во австралиските мултикултурни односи.

На средбата се дискутираше и за претстојниот попис во Австралија и за признавањето на македонската заедница во официјалната статистика и податоците, како и за правото за самоопределба во комуникацијата со владините служби.