Се поизвесно е дека Бугарија ќе даде вето за почеток на преговорите со Европската унија, изјави премиерот Зоран Заев за време на донирањето на амбулантно возило за болницата во Струмица. Заев вели дека е подготвен и го подготвил македонскиот народ за евентуалното вето на Бугарија. Сепак, тој е дециден дека не губи надеж, па очекува до крајот на декември кога е рокот за првата меѓувладина седница, бугарските политичари да смогнат сила, да пуштат крик на пријателство и да ја подадат раката.

– Ја испраќам пораката да градиме пријателство, лесно е да се гради непријателство. Европски е да се гради пријателство и да се биде храбар – рече Заев.

Во врска со работата на Комисиите, Заев изјави дека донесено е решение за пет историски личности и три историски периоди, а тоа го потврдила и бугарската страна.

– Подготвени сме да ги објавиме и подготвени сме да почне имплементацијата во учебниците на двете страни – изјави премиерот.