Седумдесет и пет години од крвавиот настан во Беличица

Два месеца пред да огрее сонцето на слободата во Македонија, во горнореканското село Беличица се случи еден од најкрвавите настани во историјата на ослободителното движење на подрачјето на Западна Македонија. Настанот се случи во средината на септември во 1944 година, поточно на 19 септември. И покрај тоа што поминаа 75 години од крвавиот настан, злосторството не го забораваат потомците на загинатите и жителите на поширокиот мавровски и полошки регион, кои го дадоа животот за слободна Македонија.

За настанот зборуваат подигнатите спомен-обележја во селото Беличица и во месноста Трница. Како и секоја година, и годинава, на денот на злосторството, комеморативен собир се одржа во селото Беличица и на него присуствуваа претставници на општествено-политички организации, стопанственици и продолжувачите на традициите во НОВ од Тетово и Гостивар и претставници на општината Маврово Ростуше. Се потсетија на овој крвав злосторнички настан, им оддадоа почит на загинатите партизани и селани. Притоа беше истакнато да не се заборави злосторството и да не се повтори.

„Појдовте млади и нежни
во виорот на времето.
Сенката Ви ја чува
кротката земја на Бистра,
но големото време ја меша
вашата вишна непокора
со нашата љубов и болка.“

Овој стих на истакнатиот македонски поет Матеја Матевски, по потекло од селото Беличица, е издлабен во монументалниот споменик, дело на познатиот скулптор Димче Тодоровски, основоположник на модерната македонска скулптура. Споменикот е органска целина на два елемента: предниот дел е монументална фигура на млад партизан, висока околу три метри, неколку метри зад неа е поставен релјеф на кој се претставени фрагменти од Народноослободителната војна, поставен на подножјето на планината Бистра, на левата страна на седмиот километар на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, во месноста Трница.

Четири и пол децении споменикот ги чува и им ги пренесува спомените за храбрите партизани од Тетовскиот партизански одред на жителите на Беличица.
Во репортерските белешки што ги водев со лица што ја преживеаја трагедија, ги пренесувам сеќавањата на Ратко Димитриевски.

– Ден пред беличката трагедијата, во селото пристигна вест дека озлогласениот балистички водач Аќиф Речани, со поголема група балисти, ќе ја уништи Беличица. Населението беше вознемирено и во прво време се договоривме да го напуштиме селото, за да ги спасиме животите. Но по некоја логика беше исклучена можноста да биде извршен напад во ноќта меѓу 18 и 19 септември, бидејќи тогаш започнува празнувањето на муслиманскиот празник Бајрам. Според муслиманските обичаи на Бајрам никој не смее да прави злосторство – раскажуваше тој.

Меѓутоа, така не мислеле Аќиф Речани и неговите истомисленици. Велизар Соломоновски, од селото Беличица, како сведок на трагедијата, неколку години потоа во својата книга „Беличица“ запишал: „Балистите од селата Равен, Вруток и Речане од шпиони биле известени дека во селото Беличица, вечерта ќе пристигнат и ќе ноќеваат партизаните на Третиот тетовски партизански одред. Веднаш извршија мобилизација и предводени од Аќиф Речани, во Беличишта пристигнаа пред зората на 19 септември и го опколија селото, двете маала, Горното и Долното, со над двесте балисти.

Партизаните се наоѓаа во Горно Маало, беа опколени од балистите и се обидуваа да го пробијат обрачот, дојде до нерамноправна борба. Партизаните за седум пати беа помалобројни – беа триесетмина и недоволно наоружани. Балистите го пробија обрачот, а Аќиф Речани почна да го убива недолжното население, жени, деца, старци, некои живи ги фрлаше во огнот. Беличица беше во пламен, од огнот не беа зафатени само три куќи. Во Долно Маало жителите беа собрани во една куќа и ги чуваа балистите, се додека не дојде Аќиф и не даде наредба, а гласеше и нив да ги убијат. Запалија неколку куќи и балистите почнаа да бегаат бидејќи слушнаа истрели и здогледаа поголема група на луѓе, помислија дека пристигнала партизанска бригада на помош.“

Тоа, утро на 19 септември, Беличица гореше во пламен. Партизаните на Третиот тетовски партизански одред сторија сѐ за да го спречат злосторството. Своите млади животи не ги жалеа, храбро се бореа и во нерамноправна борба ги положија животите за денешната слобода. Разбеснетите балисти влегуваа во куќите и ги убиваа беспомошните жени, децата, старите лица и ги палеа нивните куќи. Од 42 куќи, 37 гореа. Беличица беше во пламен. Гореа куќите, добитокот и луѓето. Во ова страшно и невидено злосторство згаснаа 38 животи од кои 21 партизан, меѓу нив и народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Гоце Стојчевски-Амбарче. Животите на олтарот на слободата ги положија партизаните: Христо Антески, Мурат Бафтијари, Боро Вулиќ, Александар Здравковски, Владимир Јањиќ, Трпе Јовановски-Мишка, Александар Јовановски-Журчин, Борче Кочоски, Љубомир Момироски, Михајло Раичевиќ, Младен Симоски-Требош, Пано Симоски, Драгомир Стефановиќ, Љубомир Стефановиќ, Љубица Стефановиќ, Андреја Стојановиќ, Саво Тасевски, Благоја Тоскоски-Тоска и Андреја Христоски и селаните на Беличица: Петар Атанасовски, Ана Бибоска, Анестија Богучевска, Наталија Богучевска, Нада Брајковска, Параскева Брајковска, Сара Брајковска, Сара Дамјановска, Ценија Дамјановска, Грозда Дамјановска, Лена Ѓурчиновска, Тодор Ѓурчиновски, Калина Јовановска, Лиска Јовановска, Соломија Јовановска, Лефер Јовановски и Адам Метаниевски. Загинаа само два месеца пред ослободувањето на нашата земја.