Бугарската држава денес го чествува Свети Климент Охридски – сесловенскиот светец, научник, писател и просветител. Меѓутоа, бугарското општество продолжува со својата националистичка и квазиисториска реторика. Во денешните објави на бугарските медиуми можеме да прочитаме дека Свети Климент Охридски проповедал на старобугарски јазик, дека е еден од најзначајните автори кој пишува на старобугарски јазик, дека е Бугарин роден во југозападниот дел на Македонија… Според оваа бугарска логика сите словенски јазици – рускиот, српскиот, хрватскиот, полскиот, украинскиот и други се старобугарски јазици.

Пишувањата на бугарските медиуми се одраз на бугарските разбирања за делото и значењето на Св. Климент Охридски, но овие искажувања се антиисториски и како такви се отфрлаат од светската историја и јавност. Според светските научници, Св. Климент Охридски творел на старословенски јазик, а неговата пишана форма е дијалект на Словените кои живееле во околината на градот Солун во деветиот век. Сите светски научници кои се занимаваат со истражување на старословенскиот јазик го именуваат како таков, а изразот старобугарски се користи исклучиво од бугарската наука. Во „Енциклопедијата за индоевропската култура“ се вели дека старословенскиот јазик е прв пишан словенски  јазик кодифициран во деветтиот век, врз основа на „говорот на Јужните Словени кои живееле во околината на Солун. “

„Старословенски словар“ објавен во 1994 година, Москва

Не случајно, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „писменоста дојде кај нас од македонската земја.“ Поради ова искажување, Путин беше нападнат од Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, меѓутоа ова не е став на рускиот претседател туку на руската наука. Затоа во „Старословенскиот словар“ објавен во Москва, 1994 година, можеме да прочитаме дека  „старословенскиот јазик е општ културен книжевен писмен јазик на словенските народи.“ Исто така О.Г. Кадочникова вели дека „говорот во областите на словенското пишување се карактеризираше со одлики на македонски дијалекти“. Во хрватската енциклопедија објавена од Лексикографскиот институт „Мирослав Крлежа“ можеме да прочитаме дека Св. Климент е „македонски црковен писател“ кој пишувал на црковнословенски јазик.   

Тврдењето дека Св. Климент е Бугарин немаат научна основа, затоа што етногенезата на бугарскиот народ во деветтиот век не е завршена, во 13-от век бугарскиот етнички супстрат е дополнет со Куманите – номадски турски народ кој учествувата во создавањето на Второто бугарско царство.

Бугарското општество го пренебегнува фактот дека Св. Климент Охридски е роден во Берзитија – едно од словенските кнежества во Македонија создадено во седмиот век. Во текот на својата егзистенција, Берзитија ја зачувала својата независност од Византија, а по влегувањето во составот на Првото бугарско царство, берзитската аристократија ги сочувала своите привилегии. Берзитија е јадрото на Самуил и неговата средновековна држава со центар во Македонија и Охрид.