фото: Приватна архива

„Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци

ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?

Бројни награди, дипломи и пофалници на натпревари по географија, математика, историја, книжевност го следат уште од мали нозе. Зоран Терзиќ има просек 5,00 за време на целото основно и средно образование.

– Средното училиште учев во „Раде Јовчевски Корчагин“, па со професорот Сидо имавме долги и чести филозофски дискусии, а со професорката Павлина по математика во слободно време игравме шах. Вистинска дилема имав пролетта 2004 година кога требаше да се запишам на факултет. Паралелно се запишав и на медицински и на машински. Сепак, бидејќи на медицинскиот бев примен во квотата за самофинансирање, а на Машинскиот во државната квота, се одлучив за машинскиот. Веројатно да не размислував прагматично ќе запишев археологија или книжевност – раскажува Терзиќ.

Фото: Приватна архива

За време на студиите бил стипендиран како од МОН, така и од факултетот, поради континуираниот одличен успех.

– Шест семестри бев ангажиран (по различни предмети) како демонстратор на Институтите за механика и производно машинство. Работата со колегите-студенти ми годеше, и ми претставуваше задоволство да го пренесувам своето знаење на вежбите и консултациите во соработка со асистентите и професорите. Веројатно, ако се поклопеа одредени коцкички мојата кариера ќе продолжеше на факултетот – вели Зоран.

Како еден до најдобрите студенти на факултетот летото 2007 година Зоран бил три месеци во инженерскиот центар на Џонсон Контролс во Словачка, како дел од интернационален тим на талентирани студенти каде бил вклучени во разработување на конкретни проекти. Тимот што го водел освоил прво место за најдобар проект-идеја.

Фото: Приватна архива

– На Универзијади го претставував факултетот како дел од тимовите за кошарка и шах, каде што главен акцент беше ставен на убавото дружење – се сеќава Терзиќ.

Дипломирал на насоката Производно инженерство за помалку од четири години, како еден од најдобрите пет студенти во генерацијата, со просек 9,60. Дипломскиот труд му бил дел од опсежен мултидисциплинарен проект на УСАИД- Електронска библиотека, и бил прогласен за најдобар на генерацијата.

– Веднаш после дипломирањето се вработив и паралелно запишав постдипломски студии. Магистрирав на насоката Индустриско инженерство и менаџмент со просек 9,90 во 2011 година. Морам да напоменам дека беше навистина тежок периодот на паралелно работење и градење кариера, од една страна и учење, полагање испити и подготовка на тезата, од друга страна. Сето тоа бараше одлична организација, упорност и голема волја! Откако магистрирав признавам дека имам голема почит кон луѓето што успеваат паралелно да студираат и работат – вели Зоран.

Фото: Приватна архива

Веќе 14 години е во автомобилската индустрија, а речиси осум години е дел од тимот на наша автомобилска куќа, каде е раководител во секторот на постпродажба, и менаџер за квалитет.

– Професионално се обидувам (и се надевам успевам) континуирано да се надоградувам. Обуките и семинарите, како тука, така и во Грција, Хрватска, Србија, Полска, Италија итн. претставуваат драгоцени искуства и можност за стекнување на нови контакти со кои се продлабочуваат знаењеата и стручноста. Според мене, клучот за успехот во образованието е во домашното воспитување и насочување, во упорноста, истрајноста и пронаоѓањето на интереси што се компатибилни со сопствените можности – вели Зоран.

И покрај отворените врати кон светот, Зоран решил да остане да живее и да работи во Македонија.

– Решив да останам во Македонија затоа што сметав дека тука подобро ќе ми биде со фамилијата, со братот, мајката, таткото. Сметам дека е пренапорно од нула да почнувам на друго место без поддршка од најблиските. Животот е прекраток за да се жртвувам себеси. Доколку има неизбежна потреба, би отишол, но вагата кажува дека ми е подобро да останам во комфор-зоната. Немам неизбежна потреба да одам. Сопругата има работа, имам јас, имаме стан, кола, викендица, пријатели. Не би одел во странство само за да имам, да може да купам поскап автомобил – објаснува Терзиќ.

Според него, во земјава сѐ уште има многу да се работи, а како голем проблем го посочува фактот што многу кадри остануваат дефицитарни поради немање стратегија во образовниот процес.

Фото: Приватна архива

– Државата, за жал, континуирано години наназад го запоставува образованието. Не се вложува како во инфраструктура и опрема, така ниту во образовниот кадар. Нема добра соработка и координираност со т.н. реален сектор и поради тоа од одреден кадар имаме суфицит, додека доста работни позиции ни се дефицитарни. Мое мислење е дека мора да се направи квалитетна стратегија од страна на државните институции, нацрт-план во консултација со стопанството-односно компаниите, со цел да се спречи засилениот одлив на висококвалификуван и стручен кадар. Само со проактивни мерки и поставување на здрава основа може младите да добијат стимул да останат во државата и тука да ја градат својата кариера и иднина – додава Терзиќ.