З.А.

Денеска во Кичево, Рурална Коалиција одржа завршен настан на тема „Како да стигнеме до одржлив развој во руралните средини“,соочени со фактот дека земјоделското производство секоја деценија се намалува за 6 проценти.
Од друга страна ковид пандемијата ги намали приходите од земјоделски активности во некои региони дури за 60 проценти,потврдија теренските истражувања на Рурална Коалиција.
Жените од руралните средини не беа вклучени во ниту една мерка од економските пакети на Владата за излез од ковид-19 пандемијата а годинава се соочуваме со скапи репроматеријали,недостиг на храна и сировини и намалување на обработливите површини.

Руралната Коалиција изминативе две години активно работеше на намалување на овие предизвици со кои што се соочува земјоделството и руралниот развој во земјата преку јакнење на капацитетите на локалните здруженија и индивидуалните земјоделци, развој на дигиталните вештини и електронска комуникација во руралните средини.

-Успеавме да ја креираме првата мерка за подршка на жените од руралните средини преку работна група за родова еднаквост и економско зајакнување на жените во руралните средини, која што е формирана во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство,активно бевме вклучени во изработката на бројни закони од областа а успеавме да валоризираме и три заложби кои што ќе го унапредат квалитетот на животот во руралните средини а кои и официјално се дел од Националниот акциски план за Отворено владино партнерство.Го отвораме првиот женски рурален Е-пазар „Наша тезга“ како одговор на пандемијата со Ковид-19 ,а го формиравме и локалниот Центар за подршка на Е-владеење во општина Кичево,што пак значи дека локалното население ја има целокупната логистика и техничка подршка кога станува збор за електронската комуникација со институциите и на таков начин придонесуваме кон реализација на дигиталната агенда на државата – потсети извршната директорка на Рурална Коалиција, Лиљана Јоноски.

Раководителот на ЛЕР во општина Кичево Дарко Белески го истакна значењето на соработката на општината со граѓанските организации особено низ призмата на постигнување на поголема транспарентност и отчетност на општината.

З.А.