Застапеност на психолошкото во законот за детска заштита на земјава е тема на книгата на м-р Андријана Паскоска и проф. д-р Мирослав Пендароски, промовирана пред три дена во Битола. Книгата е екстензија на магистерскиот труд на главната авторка, одбранет на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“.
Главен промотор беше проф. д-р Марија Котевска-Димовска, психолог, гешталт психотерапевт. На промоцијата збор земаа и авторите. М-р Андријана Паскоска како прв автор, која говореше за содржината на книгата и ја претстави во детали нејзината содржина. Проф. Пендароски како втор автор даде опширен осврт на конекцијата на книгата со поширокиот контекст на општествената грижа за една од најранливите и најзначајните популации не само кај нас туку и пошироко – децата. Тој посочи на значењето на психолошките појави кои не се доволно застапени во законот за детска заштита на Македонија.

Проф. Котевска-Димовска говореше за најзначајниот придонес на книгата, имено нејзината употребна вредност од аспект на можноста книгата да понуди подобри законски решенија при надополнување на законот за детска заштита. Таа даде и една поширока психолошко-хуманистичка димензија на квалитетите на книгата, од аспект на нејзиниот придонес за севкупното здравје на децата и нивниот пшравилен развој.
Книгата е научно-истражувачки и научно-стручен труд кој со употреба на методот на анализа на содржина го анализира текстот на законот од аспект на застапеност на зборови кои укажуваат на четири категории во законот: социјалното, егзистенцијалното, педагошкото и психолошкото. Хипотезите дека психолошкото е најмалку застапено во споредба со другите три категории на законот за детска заштита се потврди и тоа укажува на потребата психолошкото да биде позастапено во законот за заштита на децата. -Целта на книгата, која патем, изобилува и со теоретски концепции од областа и пошироки контексти во општеството, е меѓу другото, да укаже на важноста на менталното здравје на децата и грижата за нивниот личен развој. Книгата е одлично четиво за сите засегнати професионалци: психолози, социјални работници, правници и сите кои се занимаваат со проблематиката на детската заштита во нашата држава. Таа е одлично четиво и за сите студенти од хуманистичките и помагачките струки – вели Паскоска.