Фото: МНР на Бугарија

Сопственичките на изнајмената просторија за Македонски културен клуб во Бугарија биле објект на закани од непознати лица, известуваат од ОМО „Илинден“ – Пирин.

Две цивилни лица, кои не се претставиле, дошле кај сопственичките и им се заканиле и побарале да го избркаат друштвото од просторијата. Потоа им рекле дека пак ќе дојдат. Исплашените сопственички денес го замолиле Друштвото за заштита на основни човекови права да го прекинат договорот по заемна согласност , известуваат од организацијата.

Од друштвото изјавуваат дека ќе го внесат случајот во Обвинителството и ќе се борат за своите права.

– Во минатото на сличен начин и повеќе пати со анонимни јавувања на телефон беа правени закани против животот и здравјето на уредникот на Народна волја Георги Христов и неговата сопруга. Сторителите и покрај повеќе жалби во полиција никогаш не беа откриени, но после секоја жалба прекинуваа привремено со заканите.

Силно се сомневаме дека сторителите ќе бидат пронајдени или санкционирани. Бугарските институции никогаш досега ги немаат заштитено Македонците во Бугарија, кога биле објект на дискриминација – велат од ОМО „Илинден“ – Пирин.