Фото: Игор Бансколиев

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања усвои препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил.

Копретседателот на Комисијата Драги Ѓоргиев по брифингот со новинарите во врска со усвоените решенија на Комисијата појасни дека препораките за заедничкото чествување на овие историски личности се всушност идентични текстови за заедничко чествување со кои им препорачуваат на двете влади на одредени годишници или јубилеи да се чествуваат заедно.

Во однос на учебниците, како што рече тој, има по пет препораки подеднакво за македонските и за бугарските учебници, се однесуваат на некои структурални недоследности во лекциите, потоа на фактографски грешки, историската географија, односно како се претставени одредени географски реони во ученбниците, бидејќи, како што рече, во тие сегменти забележавме најмногу пропусти и во двата образовни системи.

– Препораките не допираат во идентитетските прашања, и истите се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива. Од тој аспект сметаме ќе се подобрат учебниците по историја во двете земји – рече Ѓоргиев.

Во однос на учебниците, појасни Ѓоргиев, препораките се однесуваат на оние места во учебниците во историја каде нашата страна сметала дека треба да има подобрување во бугарските учебници во одредени теми и обратно. Овие препораки одат до Владата, која треба да ги усвои и понатаму да продолжи процесот при пишувањето на идните учебници по историја и да се земат препораките во предвид. Препораките, додаде Ѓоргиев не се со задолжително усвојување, бидејќи тоа е препорака на Комисијата, а како ќе се одвива понатаму е во рацете на институциите.

– За заедничкото чествување на историските ликови, главни критериуми за Комисијата беа презентација на универзалните вредности на тие личности за придонесот на тие личности во развивањето на христијанската култура, традиција на овие простори и секако придонесот на тие личности за развојот на словенската, сесловенската писменост. Се трудевме во тој контекст текстовите да имаат поширок регионален апсект – заклучи Ѓоргиев.

Сспоред него, оваа комисија по секоја цена не мора да донесе решенија за прашањата за кои има несогласувања помеѓу двете страни.

– Не беше кажано дека сме промениле нешто што нѐ труело, туку се менуваат работи за кои има недоразбирање и кои може да придoнесат за нарушување на односите меѓу двeте држави и да се создаваат омраза и тензии. Комисијата работи на измени на тие места во учебниците по историја – рече Ѓоргиев.

Според Протоколот што на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рок од еден месец од потпишувањето на документот, двете држави треба да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Препораките денеска се објавени на веб-страницата на македонското МНР.