Тони Милошески, претседателот на Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги - Фото: МИА

По една недела штрајк, вработените од Управата за водење на матичните книги, денеска најавија дека утре ќе одржат и протест од 15 до 17 часот пред Министерството за правда, при што ќе бидат блокирана сообраќајницата во најстрогиот центар на Скопје.

Независниот синдикат на Управата бара донесување колективен договор на ниво на работодавец, линеарно покачување на платите за 30 отсто и подобрување на условите за работа. Претседателот на Независниот синдикат на Управата за водење на матичните книги, Тони Милошески, најави дека штрајкот на нивните членови ќе продолжи сѐ до исполнување на барањата.

При денешната посета на неговите колеги во Тетово, синдикалниот лидер Милошевски предупреди дека се врши притисок кон вработените да го прекинат. Според Независниот синдикат, иако се во штрајк, вработените издаваат дел од документите кои се за потреби на граѓаните поврзани со странство, како за лекување, смртни случаи, раѓање и слично, а се склучуваат и бракови закажани до 26 април.