Воздухопловно-десантни операции со падобрански скокови на полигонот „Криволак“ / Фото: Игор Бансколиев

На Армискиот полигон „Криволак“ денеска се реализираше Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 22“ („Swift Response 22“), при што беа презентирани воздухопловно-десантни операции проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на Македонија, САД, Велика Британија, Франција, Италија, Црна Гора, Грција и Албанија.

На денот за високи гости присуствувааше шефот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, собранискиот претседател Талат Џафери, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Велика Британија, Италија, Франција, Грција, Албанија и Црна Гора, заменик на командантот на американската Армија за Европа и Африка, генерал-мајор Петер Ендрусјак, генерали во АРСМ, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и на НАТО и одбранбени аташеа акредитирани во земјава.

За време на посетата на „Криволак“, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, беше брифиран за воената вежба „Брз одговор 22“ и ги проследи вежбовните дејства кои претставуваа комбинирани воздушни активности со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони, во кои учествуваа вооружените сили на осум земји-членки на НАТО.

Претседателот Пендаровски ги поздрави претставниците на специјалните единици и посочи дека оваа обемна вежба ја демонстрира колективната подготвеност на НАТО алијансата и претставува исклучителна можност Македонија да ги покаже способностите и уникатните капацитети на полигонот „Криволак“ како современ тренинг центар за изведување на вежбовни операции според сите НАТО стандарди.

„Брз одговор 22“ е досега најголема мултинационална вежба во земјава од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која ќе се реализираат воздушни десанти во овој обем.

– Вежбата има особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, зголемување на интероперабилноста и оспособеноста за заедничко дејствување со сојузничките вооружени сили во изведување на овој вид на операции, како и демонстрирање на капацитетите на Армискиот полигон „Криволак“ за изведување и на ваков вид на воени вежби – се додава во соопштението.

Во воената вежба на „Криволак“ учествуваат 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Македонија, САД, Франција и Црна Гора. Во вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата се изведуваат над 700 падобрански скокови.

Фото: Игор Бансколиев