фото: Фејсбук/Бујар Османи

Безбедносните случувања во светло на агресијата на Руската Федерација врз Украина и за предизвиците со кои се соочува претседавачот во спроведувањето на агендата на ОБСЕ беа тема на денешната средба во рамки на Преспа форумот за дијалог 2022, на министерот за надворешни работи Бујар Османи со овогодишниот претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау.

Како што соопштија од МНР, Македонија која идната година треба да го преземе претседавањето со оваа безбедносна организација и Полска, заедно со Шведска, како дел од Тројката претседавачи со ОБСЕ, имаат активна соработка во рамките на овој формат.

Министерот Османи, се посочува, на средбата ја реафирмираше поддршката на претседавачот Полска за активниот ангажман во менаџирањето на кризата, ослонувајќи се на расположливите ресурси и механизми на ОБСЕ. Истовремено, ги поздрави напорите за придвижување на агендата и активностите во рамките на Организацијата и подвлече дека искуствата на Полска и научените лекции како претседавач, во исклучителни сложени услови, ќе бидат од голема корист за нашата мисија во 2023 година.

Нашето заедничко делување во рамки на тројката претседавачи дава континуитет на работата на ОБСЕ, и претставува дополнителна вредност во почитувањето на основните принципи и вредности на Организацијата – истакна Османи.

Македoнија од 1 јануари 2023 година, го презема претседавањето со оваа најголема регионална безбедносна организација.