Фото: Пикселс

По продолжениот зимски распуст, денес почнува второто полугодие во училиштата. Наставата почнува со физичко присуство, па околу 255 илјади ученици се враќаат во училишните клупи.

И покрај одложениот почеток на второто полугодие за околу 10 дена, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин на 10 јуни 2022, за што Владата на седница го утврди бројот на наставни денови во вонредни околности. Така, во сите основни и средни училишта се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и полагањето на двата екстерни испита закажани за 4 и 13 јуни.

Ставот на надлежните во здравство и образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка.

Заради високите бројки на ковид-заразени и честите реинфекции Првата детска амбасада „Меѓаши“, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн.
Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.

– Според нашите податоци, нема потреба од онлајн-учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките – рече Сали во петокот кога најави скрининг по случаен избор меѓу учениците како превентивна мерка.

Вчера тој соопшти дека Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува како и кога ќе се реализира скринингот во училиштата, а ќе го спроведат центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи.

И ресорниот министер Јетон Шаќири укажа дека состојбата постојано ќе се следи и МОН ќе биде во постојана комуникација со Комисијата за заразни болести и со Кризниот штаб.

Тој во средата изјави дека одлуката ќе била лесна ако била истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври, затоа што во првото полугодие заразата во училиштата беше стабилна и, според малиот број на новозаразени и активни случаи, училиштата не биле средини каде што таа се шири.

-Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени. МОН ќе биде во постојана комуникација и секој ден ќе има средби со директорите на основните и на средните училишта – изјави Шаќири, посочувајќи притоа и дека градинките се постојано отворени, а функционираат и други сектори.

Во донесувањето на одлуката предвид е земен и повикот на УНИЦЕФ училиштата да бидат отворени поради придобивките од физичкото присуство на наставата. По одлуката на Владата од 17 јануари за одложување на стартот на второто полугодие, Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава веднаш повика тоа да биде привремена мерка.
Со претставништвото на УНИЦЕФ и со Комисијата за заразни болести се согласува и Сојузот на средношколци кој вчера ја поздрави одлуката за настава со физичко присуство.

– Првото полугодие помина целосно со физичко присуство, а стапката на заразеност беше екстремно ниска – факт што покажува дека училиштата биле најбезбедните средини за средношколците. Веруваме дека полугодието не треба да почне на далечина, туку во самите училишта бидејќи наставата ќе биде квалитетна и интерактивна, оценката ќе биде валидна, физичкото здравје ќе биде зачувано, менталното здравје ќе биде запазено, социјализацијата меѓу средношколците ќе продолжи да биде во училиште. Ваквата одлука е потребна за образованието да биде државен приоритет број еден – соопшти Сојузот на средношколци.