Фото: МИА

Во присуство на верници од многу делови на државава, со запазување на пропишаните протоколи за заштита од ковид-19, беше одбележан именденот на игуменот на свештената Бигорска Обител, неговото Преосвештенство г. Партениј.

– Бескрајно ви благодарам мили мои гости и духовни чеда, што допатувавте дотука за да ја споделите заедно со нас радоста и убавината од денешното црковно празнување – попразненството на Сретението Господово и споменот на големиот Христов угодник и чудотворец, Свети Партениј, епископот Лампсакиски. Особено сакам да му се заблагодарам на мојот возљубен брат во Христа, Архимандрит г. Доситеј, старецот и игумен на Манастирот Гргетег во Србија, кој ни сотвори голема чест и радост со своето ценето присуство. Имено, тој е пријател на нашиот Манастир и на нашето Братство и за него можам да кажам само дека е човек на Христова љубов – рече меѓу другото во обраќањето г. Партениј.

Од името на братството и сестринствата именденот на владиката Партениј му го честиташе неговото Високопреподобие, архимандрит Доситеј. Рече дека и оваа година благодатта Божја нè собра заедно, за соборно да се помолиме на големиот Христов чудотворец, епископот Лампсакиски, Свети Партениј, а истовремено со ова молитвено чествување, да го „одбележиме и именденот на Владиката на нашите срца, духовниот татко на повеќето од нас овде присутни, како и на уште многу повеќе телесно отсутни, но со духот дојдени овде во храмот на Чесниот Претеча“.

– Ако секојдневието на еден обичен монах е распнувањето на стариот, паднат човек во нас, борбата со страстите и со разноразните демонски искушенија, како што тоа, впрочем, е мошне сликовито прикажано на фреската во ексонартексот, тогаш многу поголемо е катадневното распетие на нашиот Старец и Игумен, кој, згора на нашите лични страданија и искушенија, како и искушенијата и маките на уште илјадници свои духовни чеда, со љубов и проштавање ги трпи навредите и клеветите од надворешни луѓе кои не го ни познаваат добро, а ете си зеле или добиле задача да го оцрнуваат. Ваше преосвештенство, честит именден и на многаја лета – рече архимандрит Доситеј.

Освен молитвите произнесени од своите срца за време на богослужението, духовните чеда на г. Партениј, од „Ѓорче Петров“-Скопје, од Охрид, Дебар, Ростуше, кичевскиот хор „Митрополит Козма Пречистански“, од Битола и друг градови, ја изразија својата благодарност и љубов кон својот духовен татко и преку неколку посвети, пригодни подароци и цвеќиња, а Билјана Андоновска од Битола и со поема.

– Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите, од сето срце свое и од сета душа своја, за обилната љубов со која ме опсипавте, за вашите искрени молитви и желби, коишто се толку драгоцени за мене и без кои не ќе можев да го носам тешкиот крст на архиерејската и игуменска служба, за вашите радосни лица и за вашите христољубиви души. Благословот на нашиот Отец меѓу Светиите, Партениј Лампсакиски Чудотворец нека биде со сите вас! За многу години – посака г. Партениј.

До владиката Партениј пристигнаа и голем број честитки од разни краеви на државава и надвор од неа.