Фото: Влада

Прв состанок на работната група за креирање нов Општ колективен договор во јавниот сектор се одржа денеска во Владата, како резултат од заклучокот од последната владина седница. Како што информира владината прес-служба, Владата и ССМ денеска се договорија за максимална вклученост на синдикалната организација во процесот за реформи во јавниот сектор кој опфаќа оптимизација и рационализација, како и заедничко дизајнирање нов закон за плати во јавниот сектор, кој ќе треба да се применува од 1 јануари 2023 година.

-На состанокот со репрезентативниот синдикат за постигнување нов општ колективен договор за јавниот сектор, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) претставен од претседателот Дарко Димовски беше утврдена рамката на преговорите која во оваа фаза го опфаќа усогласувањето на платите за линеарно зголемување за 2.806 денари нето (или 4.333 денари бруто) за сите во јавниот сектор. Втора точка во рамката за преговори за новиот општ колективен договор е враќањето на регресот за годишен одмор (К-15) за целиот јавен сектор во 2023 година. На денешниот состанок партнерите на социјалниот дијалог се договорија во новиот општ колективен договор да се вклучи и утврдување нова методологија за пресметка на платите со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои дополнително треба да бидат утврдени-соопшти владината прес-служба.

Според заклучокот од последната владина седница, за оваа иницијатива се задолжени вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, кој на денешниот состанок бил претставен од заменик-министерот Филип Николоски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчовска, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот за образование и наука Јетон Шакири.

-Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на состанокот истакна дека оваа иницијатива на Владата е да се најде институционален начин за редовно усогласување на платите во јавниот сектор низ социјален дијалог од кој, како во случајот со минималната плата и пензиите, донесе резултат кој беше оценет како историски и кој ќе се однесува на сите 133 700 вработени во јавниот сектор-информира прес-службата на Владата.