Марија Миркуловска / Фото: Приватна архива

Плачење, врескање, фрлање предмети, клоцања и удирања, неприфаќање за смирување, се само дел од емотивите изливи на бес кај децата т.н тантруми. Тие за многу родители претставуваат еден од најголемите предизвици во родителството, кога децата се мали, а всушност и тогаш се случуваат, во раниот детски развој, вели психологот-консултант Марија Миркуловска.

Многу родители состојбата на тантруми ја решаваат со викање, а некои и со агресија, а тоа е погрешно, вели нашата соговорничка. Ваквите родителски реакции, кои во голема мера се наследено однесување на родители, може да создадат сериозни проблеми во развојот на детето.

Повеќето деца, во периодот од првата до четвртата година барем еднаш имале напад на бес, гласно викање и неутешно плачење, кога се чини дека не помага ниту еден метод за смирување, а родителите беспомошно гледаат во тоа мало суштество разорено од внатрешен гнев и неразумна негативност. Нападите на бес, или тантрумите, до неодамна не биле предмет на научно испитување, но последните студии кажуваат дека се случуваат по точно одреден образец.

Foto (Pixabay)

– Бесните испади се всушност комбинација на две емоции, тага и лутина. Тоа резултира со една бомба од чувства, која е премногу силна за едно мало дете што нема соодветен начин на изразување на истите. Тоа може да вика гласно, да удира – по други и по себе, неутешно да плаче, понекогаш и подолго време, да фрла со предмети, да се фрла на под, плаче и вриска, удира со главата, мавта со раце и нозе, расфрла предмети ги гази со нозе и слично – вели Миркуловска.

Таа објаснува дека за време на тантрумот детето е преплавено од фрустрации, а контролата над своите реакции изостанува.
Во критичниот период кога се појавуваат тантрумите, детето го усвојува говорот и учи да комуницира и сè уште не знае како да ги задоволи своите потреби, што всушност сака, што чувствува, и како да го добие тоа што го сака и му е потребно.

– Некои деца го надраснуваат тоа, но кај некои останува во одреден облик и во подоцнежна возраст. Во текот на овој кризен период во раното детство тантрумите може да се случат наеднаш и по неколку пати дневно. Тантрумите се јавуваат кај децата при иритација или бес за не исполнета желба од страна на возрасните, и забележливо е дека колку повеќе внимание се придава на ваквите ситуации, истите повеќе се засилуваат – објаснува Миркуловска

Foto (Pixabay)

Според психологот појавата и честотата на тантрумите зависат од темпераментот на детето и неговата емоционална состојба

– Тантрумите најчето се јавуваат кога детето е уморно, гладно, чувствува неудобност, или не може да добие нешто што сака, на пример некој предмет или внимането од родителот – вели таа.

Прифатете ги чувствата на детето, не викајте, ниту казнувајте

Родителските реакции на ваквото детско однеување, посебно ако се случуваат на јавно место, се проследени со чувство на срам, нервоза, лутина, вина, па дури и агресивни реакции кон детето.

– Првото нешто што родителите треба да направат е да му ги прифатат чувствата на детето, да покажат разбирање и да почекаат да се смири, за да воспоставите повторно комуникација со него, но без притисок. Децата треба  внимателно да се следат кога ќе се спремни и достапни за гушкање односно физички контакт, но без брзање. Во тие моменти не им треба казна, викање и агресивност, бидејќи така уште повеќе ќе им се зголемат стравот и неспокојот кој го чувствуваат. На децата им треба помош и поддршка во воспоставувањето на емоционлниот баланс – препорачува Миркуловска.

Таа додава дека првиот родителски чекор треба да биде откривање на причината за таквата реакција, а тоа најлесно ќе го направат со набљудување на ситуациите во секојдневниот живот кои водат до појава на тантрум.

Останете смирени и бидете до него

-Односно да се следи што се случува непосредно пред, за време и по тантрумот, што може да биде поврзано со негово повторување – смета Миркуловска.

Според неа добра идеја е кога детето има тантрум да останете смирени и да бидете до него. Ако излезете од собата – колку и да ви изгледа тоа примамливо – вашето дете може да се почувствува напуштено. Бурата на емоции низ која поминува низ неговата глава може да биде застрашувачка и затоа ќе се чувствува побезбедно ако знае дека сте близу. Некои експерти препорачуваат да го кренете вашето дете в раце, бидејќи во вашата прегратка ќе пронајде утеха. Но, други пак велат дека е подобро да го игнорирате тантрумот сè додека вашето дете не се смири, односно да не го наградувате неговото негативно однесување.

Foto (Pixabay)

Појавата на тантруми во раниот детски развој се очекувани и нормални, но доколку истите се многу зачестени и интензивни, потребно е да направи консултација со стручно лице за развојот на ментално здравје на детето, заради можноста за постоење извесно нарушување.

– Матичниот педијатар е првиот кој има стручен пристап кон детето и може да провери или да увиди дали детето има сериозни физички или психолошки проблеми и да предложи начин за справување со испадите. Со детето мора да се разговара и да се откријат причините кои придонесуваат за вознемирување и емоционлана напнатост – истакнува Миркуловска и додава дека флексибилноста, трпеливоста, поддршката, присуството и разговорот се главните алатки за надминување на овој период од детството.