Фото: Бигорски манастир

Седиштето на Вселенската патријаршија утре наутро ќе ги отвори портите за многубројните верници од нашата земја кои ќе присуствуваат на заедничката литургија на која ќе сослужуваат архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

На овој голем историски настан ќе се официјализира воспоставувањето на канонско единство и враќањето на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија меѓу православните цркви, откако на 9 мај Вселенската патријаршија ја тргна шизмата од МПЦ-ОА.

Главниот настан со кој ќе се официјализира оваа одлука на Вселенската патријаршија е в недела на Духовден кога во патријаршискиот храм на Фанар Архиепископот Стефан и Патријархот Вартоломеј ќе ја отслужат првата заедничка литургија.
Ова прво сосолужување на Архиепископ од Македионија и на Вселенски патријарх е прво во модерната историја. Иако нема точни податоци, сепак некои историски записи посочуваат дека последен пат Охридски Архиепископ и Вселенски Патријарх заедно служеле во 1763 година кога е назначен Арсениј за Архиепископ Охридски.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност.