Фото: Влада

Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент го усвои извештајот за Македонија, драфтиран од евопратеникот Илхан Ќучук, јави дописничката на МИА од Брисел.

Извештајот е усвоен со 66 гласа за, 4 против и 5 воздржани.

Во текстот се утврдува реформскиот прогрес на земјата, се охрабрува да изнајде решение за спорот со Бугарија и се повикува Советот на ЕУ да ги отпочне преговорите што е можно поскоро.

Известувачот на ЕП за Македонија, Илхан Ќучук, на Твитер порача дека со оглед на геополитичката ситуација  во светот земјата испорачала одржливи напори и повика да започнат долгоочекуваните преговори со ЕУ.

Од страна на Европската народна партија, известувачот во сенка Кристијан Сагарц, го поздрави напорот на Македонија и посочи дека на потег е ЕУ да го исполни ветеното. Тој предлага процесот на преговори да започне со прв чекор на заедничка роаминг зона со ЕУ.

Шансите Бугарија да го крене ветото во јуни во Советот се многу мали, порачаа од бугарскиот државен врв. Европскиот Парламент конзистентно ја поддржува ЕУ интеграцијата на Македонија со години.

Извештајот сега треба да биде усвоен на пленарна седница пред летото.