УНИЦЕФ смета дека органите на државната и локалната власт треба да ја разгледаат можноста за спроведување истрага која ќе ја утврди одговорноста на оние кои не ги почитувале правата на детето со попреченост и да спречат такви случувања во иднина

УНИЦЕФ ја осудува дискриминацијата на 11-годишната ученичка од Гостивар, за која објавија медиумите, и итно бара да се направи поголем колективен напор за да им се овозможи на сите деца да го остварат своето право на квалитетно и инклузивно образование, соопшти канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава, реагирајќи на бојкотот на родители кои не сакале нивните деца да учат со 11-годишното девојче со Даунов синдром.

УНИЦЕФ смета дека органите на државната и локалната власт треба да ја разгледаат можноста за спроведување истрага која ќе ја утврди одговорноста на оние кои не ги почитувале правата на детето со попреченост и да спречат такви случувања во иднина.

– Во последните десет години земјата направи огромни напори за да изгради инклузивно општество и да воведе мерки за поддршка на инклузивно образование. Спречувањето на дете со попреченост да следи настава со врсниците во редовно училиште и изолирањето на дете со попреченост од врсниците значат повреда на нејзиното право на квалитетно и инклузивно образование кое е загарантирано со Законот за основно образование и со инструментите за заштита на човековите права, вклучително и Конвенцијата за права на лицата со попреченост и Конвенцијата за правата на детето кои земјата ги има ратификуванo-наведува УНИЦЕФ во реакцијата.

Посочува дека нашава земја има донесено соодветна законска регулатива чија цел е да обезбеди почитување на правата на децата, но, покрај тоа што постојат многу позитивни искуства и позитивни примери на инклузија во земјата, спроведувањето во пракса на законите за секое дете бара колективен напор во насока на отстранување на пречките што ги спречуваат децата со попреченост да ги оставарат своите права на образование.

-Потребно е раководствата на училиштата, наставниците и заедниците да обезбедат соодветни услови за инклузивно образование и да сносат одговорност доколку не успеат во тоа-наведува УНИЦЕФ.

Како што наведува во соопштението – глобалните податоци јасно говорат дека децата со попреченост остваруваат подобри академски резултати во редовните училишта, споредено со нивните врсници со слични видови попреченост во специјалните училишта.

-Истражувањата, исто така, покажуваат дека инклузијата на децата со попреченост им помага на сите деца во одделението да научат повеќе за емпатија, правичност, соработка и општествена солидарност, како и дека ваквите усвоени вредности доведуваат до подобри образовни резултати во училиштето и на тој начин во голема мера придонесуваат за просперитет на земјата. Како и сите други деца, и децата со попреченост можат да имаат среќен и исполнет живот, активно да учествуваат во животот на заедницата и да дадат придонес кон изградбата на инклузивни и одржливи општества. Едно општество не може да биде правично доколку во него не бидат вклучени сите деца, а децата со попреченост не може да бидат вклучени доколку не се промени средината на начин кој ќе овозможи нивно активно учество-истакнува Канцеларијата на УНИЦЕФ во реакцијата.

УНИЦЕФ ги повикува сите засегнати страни, директорите на училиштата, наставниците, локалните самоуправи, образовните власти и заедниците да ги почитуваат правата на децата и да се погрижат тие да бидат реализирани во праксата.

-УНИЦЕФ ги разбира предизвиците за поинклузивно општество и потсетува дека надлежните имаат обврска да обезбедат децата со попреченост да си го заземат вистинското место и да учат заедно со нивните врсници во редовните училишта-се наведува во реакцијата.