Од претпладнево од 10:25 часот е укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила преку превојот Стража, а од 10:40 и преку превојот Пресека.

Како што информира АМСМ, во сила останува забраната за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси на патниот правец Тетово – Попова Шапка, како и за камиони на патот Крак Маврово – Дебар.

На останатите патни правци низ државата сообраќајот се одвива по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.