Д-р Ивица Клењоски / Фото: Приватна архива

Физичката активност и рекреативното спортување се одлични за организмот. Но, пред да почнете или да ја зголемите физичката активност, треба да направите лекарски преглед и да добиете совет во кој обем може таа да се одвива. Особено ако неодамна сте прележале ковид-19. Еден од најчестите ризици од неправилна физичка активност е ненадејна срцева смрт, предизвикана од самото спортување, особено кај оние со кардиоваскуларни заболувања, предупредува д-р Ивица Клењоски, специјалист по спортска медицина.

Неодамна во Србија почина 30-годишен маж додека рекреативно играл фудбал со колегите, трагедија која алармира дека зголемената физичка активност може да е ризик, ако сме неподготвени за неа.

– Практикувањето на физичка активност и рекреативното спортување се здрави и добри навики, но голем е бројот на луѓе кои имаат неоткриени болести. Хипертензија (висок крвен притисок – н.з.), аритмија, шеќер во крвта, холестерол, прекумерна тежина и ред други болести во комбинација со неправилна физичка активност или спорт можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми – вели докторот.

Од суштинско значење е сите луѓе пред да почнат со каква било активност, без разлика на тоа дали е трчање на кејот на Вардар, фитнес, или пак повремено играње фудбал со колегите или другарите, да направат спортско-медицинскиот скрининг насочен кон откривање на нарушувањата кои го зголемуваат ризикот од ненадејна срцева смрт.

– Ова е особено битно по прележан ковид-19, бидејќи секојдневно сме сведоци на различни постковид состојби кои имаат различна манифестација кај секоја индивидуа – смета д-р Клењоски.

Ризикот зависи од повеќе фактори како возраста, присуството или отсуството на кардиоваскуларни нарушувања и други болести, начинот на живот… Соодветно на тоа се спроведуваат различни методи на скрининг во различни ситуации кои помагаат во евалуацијата, односно дали и со каков интензитет индивидуата може да се занимава со спортска активност.

– Миокардитисот е една од водечките причини за ненадејна смрт кај младите спортски активни луѓе. Тоа што значи дека треба да се има сериозен пристап – вели Клењоски, додавајќи дека спортистите кои се под сомнеж или веќе е поставена дијагноза на миокардит, веднаш добиваат забрана за секаква физичка активност до целосно оздравување.

Доколку лице со дијагностициран миокардитис се изложува на физички напор може да дојде до тешко оштетување на срцето, што може да резултира и со фатален исход.

Меѓу здравствените состојби кои се ризични за рекреативно и активно занимавање со спорт се: кардиоваскуларни болести, невролошки болести, мускулно-скелетни повреди, повреди на главата и ‘рбетниот столб итн.

– За најопасни и најфатални меѓу нив се сметаат кардиоваскуларни болести: хипертрофичната кардиомиопатија, акутен миокардитис или перикардитис, коронарна артериска болест, неконтролирани аритмии, симптоматска аортна стеноза, значајна хипертензија итн. Кај останатите не помалку важни се: неодамнешна историја за потрес на мозок, слабост на екстремитетите, намален вид, нарушувања во исхраната итн. – додава Клењоски.

Тој објаснува дека според Светската здравствена организација постои препорачана доза на физичката рекреативна активност, во зависност од возраста.

– За деца и адолесценти дневната активност со умерен до висок интензитет во просек би требало да изнесува 60 минути дневно, додека пак границата за возрасни лица е 150-300 минути неделно за активности со умерен интензитет, односно 75-150 минути неделно за активност со висок интензитет – додава Клењоски.

Умерената активност на физички здравите луѓе им нуди голем број на здравствени придобивки.

– Доколку сме направиле медицински скрининг и сигурни сме дека немаме скриена болест или состојба која во комбинација со физичка активност би ни наштетила, придобивките од активното рекреативно спортување се непроценливи – вели д-р Михаела Несторова-Бражанска, специјалист по спортска медицина.

Меѓу придобивките од активната рекреација таа ги издвои: намален ризик за срцев удар, оддржување на нормална телесна тежина, намалување на нивото на холестерол во крвта, природно регулирање на зголемениот крвен притисок, зајакнување на коските, мускулите и зглобовите, подобар и поквалитетен сон, зголемено чувство на задоволство, позитивна енергија и расположение.

Живееме во време кога многу се употребуваат суплементи, односно додатоци во исхраната, со кои се зголемува или подобрува издржливоста на физичкиот напор или пак се зголемува мускулна маса.

Д-р Михаела Несторова Бражанска / Фото: Приватна архива

– Многу е важно да се нагласи дека суплементите не можат во никој случај да ја заменат правилната и балансирана исхрана. Пред да посегнете по овој вид на суплементни додатоци задолжителна е претходна консултација со стручно лице, кое ќе утврди дали, како и кои суплементи би биле корисни за употреба. Во спротивно со неинформирано и неправилно користење, може да дојде до несакани ефекти од различни размери, како предозирање, токсичност за организмот, интеракција со некои лекови, оптоварување на бубрезите итн. Но, исто така, вреди да се напомене дека со добро комбинирање и правилна употреба, може да се добијат придобивки за целокупното здравје, како и да помогне во справување со некои здравствени состојби – додаде д-р Несторова-Бражанска.