Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз / Фото: Принтскрин

Нема суштински промени помеѓу првиот француски предлог и овој што е ревидиран. На суптилен начин се вградени сите бугарски барања и сега тие стануваат европски барања. Не е ништо готово, сепак се работи за драфт верзија, оцени вечерва лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

-Треба да се направат напори да не биде дел од преговарачката рамка се што е наметнато од бугарска страна. Треба да ги имаме истите критериуми како и сите други земји што ги имале. Потребно е да се види и чуе и гласот на народот дали ќе го прифати тоа или не. Владата треба да респектира дека и многу од клучни експерти имаат сериозни забелешки на францускиот предлог – рече Трајанов во интервју за ТВ Сител.

Нагласи дека Демократски сојуз инсистира да има широка расправа и граѓаните да бидат запознаени со предлогот и додаде дека се разговара и за идеја да се формира парламентарно меѓупартиско работно тело кое ќе подготви и усогласи заклучоци кои ќе бидат понудени на собраниска седница и потоа да почне расправа.

-Таа работна група треба да биде формирана што е можно побрзо и веднаш да почне да работи на заклучоци кои ќе бидат понудени на Парламентот. Ако се отфрли преговарачката рамка сите партии да имаат заедничка одговорност – посочи Трајанов.

Како најконтраверзен дел го оцени протоколот кој се уште се усогласува меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.

– Треба да се направат и одредени корекции во преговарачката рамка и сите билатерални прашања да бидат решени преку преговори и да бидат на реципрочна основа. Против тоа сум да се разговара со Бугарите за македонските револуционери. Ако Бугарите го чувствуваат некој дека е Бугарин нека го слават, но треба да се тргнеме од заедничкото славење на историските личности. Историските прашања исто не можат да бидат дел од преговарачката рамка – рече Трајанов и додаде дека преговарачката рамка треба да биде растоварена од се она што значи билатерален проблем.