Фото: МИА

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Берлин учествуваше на министерска конференција на тема „Uniting for Global food security“, организирана на иницијатива на германската Влада во соработка со земјите членки на Г7  во која членуваат седум држави со најнапредни економии.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски во обраќање пред присутните изразил свое видување на глобалната криза, предизвикана од воениот конфликт кој ја афектираше македонската економија, земјоделското производство, трговската размена и снабдувањето со храна.

-Земјоделството се соочува со застрашувачки предизвик за производство на повеќе храна за да се задоволат потребите за исхрана на растечката светска популација, а во исто време се справува и со климатските промени и постојаното заострување на ограничувањата на природните ресурси. Овој предизвик е уште покомплексен со фактот дека доколку безбедната храна не е достапна, несигурноста и неухранетоста ќе продолжат. Дополнително, доколку земјоделците и земјоделските работници не остварат пристојни приходи, сиромаштијата ќе расте, а земјоделството ќе пропадне –  истакнал министерот.

Тој посочил дека транзицијата може да се забрза кон поодржливи системи за храна преку раст на земјоделската продуктивност што ја оптимизира одржливоста на земјоделството низ социјалните, економските и еколошките димензии.

Македонија, активно учествува во спроведувањето на политиките за трансформација на глобалните прехранбени системи за да се постигнат целите за одржлив развој поставени од земјите членки на Обединетите нации – навел Николовски.

Министерската конференција, стои во соопштението, опфати размена на позитивни резултати од преземени мерки за справување со кризата, а Македонија имаше позитивно искуство како единствена земја во регионот која воведе Интервентен фонд за поддршка на земјоделскиот сектор со што овозможивме субвенционирана набавка на вештачко ѓубриво за пролетна и есенска прихрана на стратешките култури (пченица, јачмен, пченка и сончоглед), поддршка на секторот сточарство и млекопроизводство, како и поддршка за главните извозни производи (зеленчук, овошје и вино). Резултатите од формирањето на Интервентниот фонд, нешто што се направи за прв пат во нашата земја но и во регионот, беа одлично прифатени од земјоделците.

На национално ниво, ние сме фокусирани на зајакнување на локалните системи за храна. Повеќето индивидуални земјоделски стопанства имаат мал капацитет, а на секоја нова генерација земјоделци се пренесува љубовта кон наследената почва и желбата да се продолжи семејната традиција на земјоделско производство. Овие земјоделци им пркосат на сите предизвици, но сепак климатските промени и економската криза сериозно ги загрозуваат. Затоа, министерството секогаш креира мерки со фокус на малите земјоделци, младите земјоделци и руралните жени – рече Николовски.

Тој потенцираше дека Македонија активно учествува во глобалните земјоделски политики за поддршка на интегрираниот развој на заедницата, како и развојот на пазарите, искористувањето на целокупното слободно земјоделско земјиште и негово ставање во функција на одржливо земјоделско производство, што е важно за производство на повеќе храна за населението. Министерот нагласи дека многу е важно да се зајакнат капацитетите за адаптација и ублажување на климатските промени и да се создаде одржлив раст на продуктивноста во земјоделството користејќи го моделот на климатско паметно земјоделство и агроекологија.

-Сите заедно градиме глобални политики за одржлив развој и само обединети можеме да ги спроведеме локално. Глобалниот политички и економски развој нè наведе да сфатиме дека земјоделското производство е од суштинско значење за обезбедување храна за светската популација. Воените конфликти секогаш предизвикуваат економски кризи и социјална ранливост, бидејќи сме сведоци на вистинската војна во Украина – рече Николовски.

Во завршните зборови од своето обраќање, стои во соопштението од МЗШВ, министерот Николовски јасно го искажал ставот на нашата земја во однос на воената и економска криза.

– Еминентно е што сите присутни остануваме на страната на мирот и почитувањето на територијалниот интегритет на секоја земја и најостро ја осудуваме секоја агресија врз друга земја не само на европско тло, туку и каде било во светот. Стоиме во првите редови во одбраната на слободата и почитувањето на човековите права и не смееме да заборавиме дека едно од суштинските човекови права е пристапот до здрава и безбедна храна за сите. Затоа ќе продолжиме заедно со сите демократски земји да го браниме и обезбедуваме ова основно човеково право денес и во иднина – рекол Николовски.

Конференцијата имаше за цел преку отвoрена дискусија и размена на искуства да се стигне до заедничко глобално решение како да се обезбеди храна за сите, во услови на воена криза која се случува на европско тло и која директно ја загрози трговска размена и системите на снабдување со храна и енергенси во целиот свет.

На конференцијата присуствуваа државниот секретар на САД, Антони Блинкен, министри  на земјите членки на групата Г 7, претставници на Групата на шампиони на Обединетите Нации (GCRG), еврокомесарот за кризен менаџмент, Јанез Ленерчиќ, еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, претседателот на Светска Банка, Дејвид Мелпас, министрите за земјоделство и економија од многу европски и азиски држави, како и лидери на истакнати меѓународни организации од јавниот и невладиниот сектор од областа на земјоделството и економијата.