фото: ССМ/Фејсбук

Линеарно зголемување на платите веднаш за најмалку 2 806 денари и потпишување Општ колективен договор во јавниот и приватниот сектор со кој ќе се регулираат зголемувањето на платите и враќањето на изгубеното право на К-15, се клучните барања на ССМ кои денеска, од првомајскиот протест, ѝ беа испорачани на Владата.

ССМ потенцира дека товарот на кризата не смее да падне само врз работникот. Повеќе нема време за чекање и барањата мора да се исполнат ден поскоро, зашто работникот е доведен до работ на егзистенција, порача ССМ.

Владата, пак, вети заедничка борба со синдикалците за унапредување на работничките права и за повисоки плати.

Пред Владата, каде што беше завршното место на протестот, се обратија потпретседателот на Синдикатот на градежници, Иван Пешевски и Игор Герасов од Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика, но и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, кои ги пречекаа синдикалците.

По завршувањето на протестот, синдикални претставници заминаа на состанок во Владата.

– Имавме многу причини за организирање на денешниот протест. Со месеци наназад укажуваме на стагнирање на државата и на продлабочување на кризата. Оргомниот товар од кризата не смее да падне само на грбот на работникот. Со овој протест сакаме да укажеме дека во овие клучни моменти државата, Владата и работодавач не покажаа волја, што резултираше со замирање на социјалниот дијалог. Товарот на кризата мора да го понесат сите, а не само работниците кои се доведени до работ на издржливост. Така веќе не може, ви оставивме премногу време – рече Пешевски во обраќањето.

Тој напомена дека ССМ не почнува протест без да бидат искористени сите можни преговарачки услови.

– Владата и работодавачите се однесуваат игнорантски кон работниците, а излегувањето на улица е резултат на претходно истрошените цивилизирани обиди за комуникација. Во изминатиот период немавте слух за народот, се занимававте сами со себе. Време е да ви кажеме дека постоиме и дека кога ви го дадовме мандатот будно ги следевме вашите чекори, но покажавте безидејност и бевте слабо наклонети кон нас работниците. Време е да им кажеме дека постоиме и на работодавачите. Сакаме повисоки плати, скалесто усогласување со минималната плата, намалување на сиромаштијата, пристојни и одржливи работни места, социјална сигурност, учество во креирање на националните политики, уредување на правата од работен однос со колективен договор, нов закон за работни односи по теркот на светското законодавство – посочи Пешевски.

Работниците, дополни, веќе нема да чекаат, а Владата треба веднаш да ги разгледа и усвои предложените синдикални барања.

– Нашиот глас е еднакво важен како и вашиот, го нудиме нашиот придонес, но и ги бараме нашите права. Не сме задоволни од вашиот игнорантски однос, запоставени сме, притиснати и животно загрозени од стагнацијата на државата, а вашето одбивање и незиатересираност за подадената рака на ССМ не натера на улица да ги браниме нашите права. Трпението нема крај, повеќе нема да чекаме, бевме цивилизирани и конструктивни, но не добивме ништо. Сега сте вие на потег, ги добивте нашите барања од кои не отстапуваме. Бараме веднаш овие наши права да бидат разгледани во Владата – беше дециден Пешевски.

Вицепремиерот Битиќи кој заедно со министерката Тренчевска ги пречека синдикалците, рече дека работникот е на прво место, а човечкиот капитал пред се и тоа, напомена, не треба никој да го заборави.

– Треба да се зборува и за еднаквиот третман на мажите и жените на пазарот на трудот, за безбедноста при работа, како и за сите други права кои се забораваат, посебно за време на кризи – истакна Битиќи.

Тренчевска, пак, вети дека Владата заедно со синдикалните претставници ќе ја продожи борбата за подобри работни услови, за унапредување на работничките права и за повисоки плати. Во кусото обраќање, министерката потенцира дека трудот на работникот мора да се вреднува и дека работодавачите мора да ги почитуваат своите обврски. Најави и засилени инспекциски контроли, како и казни доколку се утврди дека работодавачите не ја исплаќаат платата законски и на работниците им даваат под 18 000 денари.

– Сите работодавачи кои не исплаќаат плата согласно законот или под 18 000 денари, ќе сносат санкции според Законот за работни односи. Државниот инспекторат за труд врши контроли посебно во текстилните фабрики каде, сведоци сме, дека последните денови се исплаќаат плати под 18 000 денари. Ќе следуваат инспекциски контроли и секој што не исплаќа ќе биде санкциониран – рече Тренчевска.

Таа потсети и дека сѐ што беше ветено, досега е исполнето.

– Ветивме недела ден за одмор, денес недела е наша реалност, 92 отсто од работниците одмораат, се дружат со семејствата и пријателите, а оние осум проценти кои поради природата на производниот процес работат, добиваат 50 отсто повеќе, додека оние во трговијата добиваат 100 отсто повисоки дневници. Ветивме дека ќе нема минимална плата под 18 000 денари и тоа денес е реалност – подвлече министерката.

Се подготвува, дополни, и новиот закон за работни односи во консултации со ССМ.

Првомајскиот протест почна пред зградата на ССМ, продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора, а заврши пред Владата.

Пред Стопанската комора се обрати претседателот на Сојузот, Дарко Димовски. Тој ги кажа барањата, но и порача дека работниците не може да бидат ничии робови.

– Не може, работодавачи и газди, да ви бидеме робови седум дена во неделата. Ќе блокираме се и многу лесно овој протест ќе прерасне во штрајк, а тоа значи прекин на работата за време на работното време. Ако ние трпиме штета и вие ќе трпите штета – истакна Димовски.

Зголемувањето на платите, според него, треба да се случи поскоро.

– Економската криза не изеде, инфлацијата е се поголема и тие пари ни се се понеопходни. Да ве предупредиме, да ја повлечете претставката за недела неработен ден зашто тоа е реланост во земјава – работникот го користи тој бенефит – одмора – напомена претседателот на ССМ.

„Без пари нема работа“, „Зголемување на плата 2 806 денари веднаш за сите“, „Без лихвари, газди и банкари можеме, без работници не можеме“, „Договори за вработување на неопределено време“, „Стоп за мобинг“, беа само некои од транспарентите што можеа да се забележат на протестот.