фото: Архива

Неопходно е да продолжи дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ за надминување на отвореното црковно прашање, изјави епископот бачки Иринеј, во интервју за српскиот неделник „Печат“ објавено на сајтот на Бачката епархија.

Духовниот отец и еден од најблиските соработници на српскиот патријарх Порфириј, вели дека актуелната општа состојба во Македонија и духовната потреба на верниците поттикнува и повикува на дијалог како единствено исправен начин за решавање на проблемот.

Повикот за возобновување на дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ уследи по неодамнешниот прием на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, што од претставници на Фанар беше оценето како голем чекор на Вселенската патријаршија за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА.

СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.