фото: Фејсбук

Меѓу првите зацртани цели што ги дефиниравме уште на почетокот на мандатот на актуелното раководство на МВР беше целосната, безрезервна поддршка на синдикалното делување, преку конкретно интензивирање на за нас неопходната социјална соработка и партнерство со репрезентативниот синдикат, отворање нови перспективи и можности за конкретни и поквалитетни договарања и решенија, со цел подобрување на професионалниот, социјалниот, економски статус на сите вработени во нашата институција, истакна министеротза внатрешни работи Оливер Спасовски на состанокот на Централниот совет на Македонскиот полициски синдикат што се одржа во Охрид.

Според Спасовски, сето тоа ефектуираше со динамична соработка која беше заокружена со потпишувањето на новиот Колективен договор, со чиишто измени е направен значаен исчекор со позитивна рефлексија во однос на синдикалните, социјалните и професионалните права на вработените во МВР.

– И во оваа тековна година продолживме со набавка на униформи, па специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи и чевли се набавени и за другите полициски службеници, за Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, за Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници. Успеавме да обезбедиме зголемување на платите за 5% за 2022 година, сè со цел продолжување на процесот на усогласување на платата за припадници на МВР. Покрај ова, веќе ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, а реализиравме навремена исплата на средства за тековните бонус плати, при што обезбедивме и средства за бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа во текот на 2021 година. Ова се дел од работите што во овој интензивен реформски период зад нас успеавме да ги реализираме. Притоа, останавме посветени на начелата на отвореност, комуникација и соработка како базични за натамошно унапредување не само на професионалните и синдикални стандарди, туку и на севкупното функционирање на министерството како сервис на граѓаните – рече Спасовски.