Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели согласно Уредбата што неодамна ја донесе Владата двојазични амблеми ќе има само за службите на локално ниво, таму, каде што официјален јазик е и албанскиот. Амблемите, нагласи, нема да бидат двојазични за централните служби и единиците кои се на ниво на држава.

-Таму каде што на локално ниво се работи, значи за амблемите на униформа на локално ниво во градови каде што официјалниот јазик е албанскиот јазик. Значи, на централните служби кои се однесуваат за цела држава нема никаква промена да има во делот на униформите, сходно на тоа и на единицата „Тигар“ и на „Единицата за брза распределба“ – рече Спасовски во одговор на новинарско прашање.

Тој, пренесува МИА, додаде дека се остава период од една година за имплементација заради тоа што има постапка за трошењето на буџетските пари.

-Не може да се влезе во продавница и да купите нешто веднаш, туку треба да се спроведат постапки – тендери, јавни набавки, да се набави тоа што треба да се набави во делот на амблемите и затоа се остава таков период во којшто ќе може да имаме подготовка и активирање – рече министерот Спасовски.

Тој рече дека донесената Уредба произлегува од Законот за употреба на јазиците.

-Ние моравме тие чекори да ги запазиме и затоа се промени легислативата во овој дел. Имавме година дена период на усогласување за да се спроведат постапките. Значи, тоа е нормална работа која што се спроведува, не е ништо ново посебно во овој дел што би предизвикало какви било други проблеми – нагласи министерот за внатрешни работи.