Фото: Архива

Проширувањето на ЕУ тоне во спиралата на меѓусебното неуважување на балканските народи и држави

Освен македонско-бугарскиот спор, кој е заглавен од криминални причини разбирливи само за официјална Софија, слични пречки со нечии нелогични барања имаат и други земји од Западен Балкан. Брисел ги посочи Црна Гора и Србија, кои се веднаш зад Албанија и Македонија во процесот на евроинтеграции, а обрна внимание и на Косово и Босна и Херцеговина, кои се чини дека тапкаат во место. Но сѐ повеќе е очигледно дека меѓусоседските сопки од аспект на евроинтеграциите и проширувањето на ЕУ стануваат своевиден нов „балкански специјалитет“

По речиси една и пол година од усвојувањето на новата ревидирана методологија за пристапување кон Европската Унија, се чини дека и Македонија и земјите од регионот се далеку до остварувањето на сонот за побрза евроинтеграција. По бугарската блокада за почеток на македонските преговори со ЕУ, Брисел сега се соочува со уште еден проблем во пристапот на преговорите за проширување со сите земји во регионот.
Имено, според информациите во Хрватска, во моментов во оваа земја се води жестока политичка дебата помеѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за тоа дали Загреб направил грешка со усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето.
Дебатата во хрватската јавноста се однесува на можноста сега Загреб, по рецептот на Софија, да побара конститутивност на Хрватите во БиХ како услов за земјата да ги започне преговорите со ЕУ.

Дополнително, спроти претстојното француско претседателство со ЕУ, индикативно е што претседателот Емануел Макрон не кажа ниту збор за проширувањето. Пред почетокот на последниот самит на европските лидери во Брисел, Макрон зборуваше за стратегиската агенда на Унијата, за справувањето со пандемијата и за предизвиците со релациите меѓу ЕУ и Унгарија.

Од друга страна, Дојче веле информира дека ЕУ испрати големи пораки за проширувањето до Балканот, но тие останаа само на зборови. Медиумот оценува дека освен македонско-бугарскиот спор, кој е заглавен, слични пречки со нечии нелогични барања имаат и други земји од Западен Балкан. Брисел ги посочи Црна Гора и Србија, кои се веднаш зад Албанија и Македонија во процесот на евроинтеграции, а обрна внимание и на Косово и Босна и Херцеговина, кои се чини тапкаат во место. Се чини дека меѓусоседските сопки од аспект на евроинтеграциите и проширувањето на ЕУ стануваат своевиден нов балкански специјалитет.

Дали ќе има хрватска блокада на Босна по бугарски рецепт

Загрепскиот политички аналитичар Иван Фишнер вели дека и во Хрватска е интензивна дебатата меѓу политичарите и државниците на темата како треба да постапи земјата во правец на проширувањето на Унијата и во тој процес да ги заштити правата на хрватското малцинство во ЕУ.

Според него, токму затоа сега хрватскиот премиер разменува остри реплики со претседателот за тоа дали било доволно или не она што може да се стори за националните интереси на земјата во делот на конститутивноста на Хрватите во БиХ.
– Она што сепак сега може да се каже, спроти овие настани, е дека на „хартија“ нашето собрание пред неколку години донесе одлука дека нема да ги блокира пристапните преговори на државите од регионот во ЕУ ако тие се поврзани со прашања од билатерална природа. Но во практика состојбите може да се развиваат многу поинаку од она што беше изгласано во парламентот. Тоа пред сѐ ќе зависи од тоа која партија ќе е на власт во моментот кога ќе се разговара за овие состојби што се актуелни со Босна и Херцеговина – вели Фишнер.

Тој додава дека забавувањето на зачленувањето во ЕУ на државите од регионот е од банална и жална природа.
– Причината зошто ние Балканците си ги комплицираме работите во релациите со ЕУ е поврзана всушност со многубројните национални дилеми со малцинствата, кои во суштина никогаш и не биле решени во регионот поради комплексноста на историските настани – резимира соговорникот.

Фишнер сепак се надева дека состојбите меѓу Хрватска и Босна никогаш нема да го достигнат негативното ниво како она меѓу Македонија и Бугарија и верува дека сѐ ќе биде надминато со многу помала врева.

Ана Писонеро-Фернаднез: Што поскоро да се одржи меѓувладината седница со Македонија

Од друга страна, на прашањето какви се ставовите на Брисел за Македонија и регионот, по повторната бугарска блокада на нашата земја, портпаролката на Европската комисија (ЕК), Ана Писонеро-Фернаднез, за „Нова Македонија“ вели дека во овие моменти круцијално е земјите-членки на ЕУ да ги изнесат своите заклучоци поврзани со преговарачките рамки во процесот на проширување.

Според неа, во овој миг не треба да се одложува одржувањето на првата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Албанија од едната страна и од другата страна ЕУ.
– Двете држави, Албанија и Северна Македонија, ги исполнија условите за почеток на преговарачкиот процес – изјави таа.
Писонеро-Фернаднез додаде дека Европската комисија и натаму ќе остане во контакт со релевантните партнери во процесот и ќе продолжи да соработува во претстојното француско претседателство на Унијата за да помогне да се воспостави заедничка перспектива за почеток на официјалниот процес за пристапните заеднички преговори на Албанија и Северна Македонија.

Брисел треба да се отрезни од шокот што му го приредуваат хегемоните од
Балканот

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека бугарското вето и последните случувања во регионот чудно коинцидираат во сценаријата.
– Ако досегашните ефекти во договарањето со Бугарија за македонските политичари беа денови на искушение, по неодамнешниот епилог од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, каде што тие не можеа да најдат заеднички јазик за проширувањето, би требало да следуваат денови на големо отрезнување и освестување – вели Пекевски.

Доколку навистина ЕУ си го дозволи тој „луксуз“ да биде манипулирана од свои членки што имаат шовинистички и хегемонистички претензии што датираат од минатото, а кои се во директна спротивност со меѓународното право и ги подриваат темелите на кои е поставена Унијата, тогаш тоа е почеток на крајот за ЕУ, бидејќи таквите позиции ја прават Унијата соучесник.

Целата ситуација сега налага дека е дојдено време да се направи еден дополнителен осврт на состојбите и да се обидеме додека е време да го решиме мудро спорот што нѐ држи надвор од ЕУ- вели Пекевски.

[email protected]