фото: Игор Бансколиев

Пратениците во Собранието вечерва расправаат за усвојување на Предлог-декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет на Украина, поднесена од пратеничките Моника Зајкова од ЛДП и Маја Морачанин од ДОМ по скратена постапка.

Претходно, попладнево пратениците со 104 гласа „за“, три „против“ и еден „воздржан“ ја усвоија Потребата од донесување на ваквата Декларација. Образложувајќи ја потребата од усвојување на Декларацијата, пратеничката Зајкова, облечена во боите на украинското знаме, рече дека низ историјата, човештвото сведочело за бројни војни и внатрешни конфликти, од кои цената ја плаќале само невини човечки животи.

– Жалам што во 21. век сведочиме повторно на напад на мирот, предизвик кој на никој не ни доаѓаше ниту на сон дека ќе се соочуваме. Она што се случува денес во Украина, не е само предизвик на Украина и не ја засега само Европа или Азија, туку целиот свет – рече Зајкова.

Таа изрази надеж дека овој пат пратениците ќе бидат единствени во донесувањето на декларацијата и оти, како што рече, војната не е метод за решавање на споровите.

– Законодавниот дом, како највисока институција во една парламентарна демократија, не смее да молчи на случувањата и мора итно да ја осуди воената агресија која се случува во срцето на Европа и да искаже јасна заложба за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Во дипломатијата важи едно правило дека секое молчењето е согласност или одобрување, затоа не смееме да молчиме – подвлече Зајкова.

Таа посочи дека случувањата во Украина се еклатантно кршење на меѓународното право, сериозна закана за европската безбедносна архитектура и го доведува во прашање мирот во целиот европски континент.