На денешен ден во 1967 година во Собранието на СР Македонија е донесен Законот за Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Врз основа на законот, именувана е Матична комисија, со задача да изврши подготовки за отпочнување на работата на Македонската академија на науките и уметностите.

Втора седница на Матичната комисија за избор на првите членови на МАНУ одржана на 18-ти август 1967 г. во Вила „Уранија“ – Охрид во состав (од лево): Ксенте Богоев, Братко Крефт, Мирослав Каршулин, Милан Бартош, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Анто Бабиќ

Задачата им припадна на проф. Антон Бабиќ, д-р Милан Бартош, д-р Ксенте Богоев, д-р Мирослав Каршулин, проф. Блаже Конески, д-р Братко Крефт и д-р Харалампие Поленаковиќ.

Првите членови на МАНУ

Шест месеци подоцна, на 18 август, избрани се првите 14 редовни членови на МАНУ во просториите на Народниот музеј во Охрид.

Избрани бea: Михаило Апостолски, директор на Институтот за национална историја – Скопје; д-р Димитар Арсов, редовен професор на Медицинскиот факултет – Скопје; Васил Иљоски, писател; Славко Јаневски, писател; Блаже Конески, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје; Никола Мартиноски, академски сликар; Кирил Миљовски, амбасадор, редовен професор на Економскиот факултет – Скопје; Димитар Митрев, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје; д-р Михаил Петрушевски, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје; д-р Харалампие Поленаковиќ, редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје; д-р Благој Попов, редовен професор на Природно-математичкиот факултет – Скопје; д-р инж. Петар Серафимов, редовен професор на Архитектонско-градежниот факултет – Скопје; д-р агр. Ѓорѓи Филиповски, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет – Скопје и Ацо Шопов, писател.

Изборот на претседател, потпретседател и секретар на МАНУ е извршен на Првото собрание на Академијата, одржано на 9 октомври 1967 година во Скопје. Тогаш за претседател е избран акад. Блаже Конески, за потпретседател акад. Харалмпие Поленаковиќ, додека акад. Ѓорѓи Филиповски за секретар.

Свеченото отворање на Македонската академија на науките и уметностите е извршено на 10 октомври 1967 година во големата сала на Собранието на Република Македонија. Од овој ден, Академијата ја започна својата научна и културна дејност, зацртана со законскиот акт за нејзино основање.

Првото раководство на МАНУ (од лево): Ѓорѓи Филиповски, Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ

На свеченото отворање, покрај членовите на МАНУ и делегациите на братските академии од другите републики, присуствуваа голем број претставници на јавниот, научниот и културниот живот од Републиката.

Свеченото собрание го отвори претседателот на Македонската академија на науките и уметностите акад. Блаже Конески, а го поздравија: Мито Хаџи Василев, претседател на Собранието на СРМ, акад. Грга Новак, претседател на ЈАЗУ, акад. Велибор Григориќ, претседател на САНУ, акад. Јосип Видмар, претседател на САЗУ, и акад. Васо Бутозан, претседател на АНУБиХ.

Фото: Архива на МАНУ