Пуштен во употреба бројот за итни повици

Од денеска во Македонија почнува да функционира линијата за итни повици 112 како единствен повикувачки број кој важи на целата територија на Европската Унија. Наместо досегашните 192, 193, 194 и 195, односно полиција, брза помош, противпожарна единица или Центарот за управување со кризи, граѓаните со едноставно вртење на 112 можат да ја добијат која било услуга, односно доколку имаат каков било итен случај и потреба од државата.

За почеток, телефонскиот број 112 ќе функционира само на територијата на Скопје. Откако ќе се тестира системот, по десеттина дена ќе започне со работа и на територија на цела држава бидејќи се работу за комплексен систем што во себе обединува неколку различни субјекти, министерства, противпожарните единици коишто со Устав се децентрализирани односно се во надлежност на самите општини и итната медицинска помош.

– На единствениот повикувачки број граѓаните ќе добиваат услуга без разлика за каква опасност се работи. Нашиот оператор во реално време веднаш ја гледа локацијата од којашто го добива повикот без разлика дали се работи за фиксна телефонска линија или мобилна телефонска линија. Со внесување на податоците во системот во компјутерот со стискање на едно копче истовремено овие информации одат на трите места и во полиција, и во брза помош и во противпожарна единица, со што во иднина на граѓаните ќе им биде олеснето – изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на денешната промоција на линијата за итни повици.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски најави дека системот ќе започне со работа во осум оперативни центри, покрај Скопје тој ќе функционира и во Тетово, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Битола, сите опремени согласно европските директиви за оваа намена.

– Вработените во овие центри се оперативци обучени да примаат повик и да воспостават комуникација со лица со различна попреченост, во согласност со врвниот принцип на поврзување меѓу луѓето на кој им е потребна итна помош преку оперативните служби, со пружање помош како највисок приоритет – вели Ковачевски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање истакна дека убавината на овој број е во едноставноста. Со вртење на бројот 112 можат да се добијат сите служби што се потребни во итни случаи.

– 112 е бројот што спасува животи. Кога ќе го направиме оперативен овој број во државата, тоа со себе бара огромна соработка помеѓу сите институции. Особено сум горд што ЕУ помогна во воспоставување на систем што може да помогне во системот на спасување животи – додаде Гир и додаде дека потребно е да се направи голема кампања со цел промоција и информирање на овој број.

Телефонските броеви 192, 193 или 194 ќе продолжат да функционираат најмалку една година и доколку граѓаните ги повикаат овие броеви, Ангелов вели дека ќе ја добијат потребната услуга.