Историска граѓа и извори спречуваат фалсификување на историјата

Архивот на Република Словенија поседува голем број архивски материјали што овозможуваат објективен и научен пристап кон толкувањето на македонската историја. Во словенечкиот архив постојат повеќе весници што даваат можност за автентично согледување на историјата на македонскиот народ, особено за периодот кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Меѓу нив може да се вброи и словенечкиот весник „Домовина“, кој со своите натписи и статии во голема мера ги разобличува бугарските тврдења и осветлува повеќе историски прашања

Деновиве македонската јавност повторно беше сведок на политички мотивирани обиди за дисквалификација на македонската, но и светската историографија. Овој пат обидот дојде од Кирил Топалов, еден од членовите на македонско-бугарската комисија за историска прашања. Со намера да ги обезличи македонските национални особености, Топалов неосновано ги обвини македонските колеги дека се добро обучени фалсификатори на историјата, кои многу добро ги познаваат историските факти и извори, но не сакаат да се усогласат со нив. Но изјавата на Кирил Топалов само покажува до која мера е политизирано работењето на бугарските членови во комисијата, чии ставови и мислење воопшто не соодветствуваат со историските факти и историската вистина. Во таа насока и обвинувањето на Кирил Топалов е крајно неосновано. Во европските и светските архиви постојат стотици документи и извори што изобилуваат со историски факти за блиското и подалечното минато на Македонците. „Нова Македонија“ истражуваше и дојде до клучни и неоспорни факти што ги побиваат сите бугарски тврдења и тези.

Таков пример е Архивот на Република Словенија, кој поседува голем број архивски материјали, кои овозможуваат објективно и научно толкување на македонската историја. Во словенечкиот архив постојат повеќе весници што даваат можност за автентично согледување на историјата на македонскиот народ, особено за периодот кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Меѓу нив може да се вброи и словенечкиот весник „Домовина“, кој со своите натписи и статии во голема мера осветлува повеќе историски прашања, вклучувајќи ги и целта и карактерот на Илинденското востание. Особено се интересни оние страници во кои „Домовина“ многу јасно ги разграничува Македонците како одделен етникум од Бугарите.

Словенечкиот весник „Домовина“, на 14 август 1903 година, објавува статија во која јасно ја определува целта на Илинденското востание. Според пишувањето на весникот, востанието во Македонија ќе заврши кога ќе биде именуван христијански гувернер што „потполно ќе биде независен од турската власт.“ (Domovina, V Celju, dne 14. avgusta 1903. 1.; Leto XIII; Stev. 63).

Во екот на Илинденското востание, поточно на 18 август 1903 година, „Домовина“ повторно информира за востанието во Македонија. Според весникот, востаниците се надевале на помош од Бугарија и од Србија, а исто така сметале дека можат да го придобијат српскиот крал за ослободување на Македонија и Стара Србија. „Домовина“ исто така потенцира дека: „Водачите на македонското востание јавувале дека се подготвува револуција каква што Балканот не видел. Востаниците имаа доволно оружје и муниција на располагање.“ (Domovina, V Celju, dne 18. avgusta 1903. 1.; Leto XIII; Stev. 64).

Од денешен аспект, ако се земат предвид обвинувањата за немање волја за усогласување околу историските факти и извори од македонска страна, многу се интересни пишувањата на словенечкиот весник од 1 и 4 септември 1903 година.

Во бројот што излегол на 1 септември 1903 година, словенечкиот весник со симпатии гледа кон востанието во Македонија и затоа повикува на меѓународна интервенција, со цел да се прекратат насилствата врз цивилното македонско население. Затоа се вели: „Да беше Германец, сите сили одамна ќе беа на нозе или Македонците се Словени, па може да бидат убиени – како див ѕвер – во просветениот 20 век.“ (Domovina, V Celju, dne 1. septembra 1903. 1.; Leto XIII; Stev. 68).

На 4 септември 1903 година, словенечкиот весник информира дека поради востанието во Македонија е можно да дојде до војна помеѓу Бугарија и Османлиското Царство. Според весникот: „Генерално, секаде се признава дека ситуацијата е многу сериозна и дека во блиска иднина мора да има војна меѓу Турција и Бугарија. Да, веќе се очекуваше турски трупи да ја нападнат Бугарија и на тој начин да склучи мир на Балканот. Ова е мислењето на берлинските кругови… Сепак за Берлин е карактеристично… да ја решат турската ситуација на бугарска територија, а не таму каде што треба, на турска територија. Бугарите се Словени! Тогаш работата е разбирлива.“ (Domovina, V Celju, dne 4. septembra 1903. 1.; Leto XIII; Stev. 69).
Словенечкиот весник „Домовина“ во своите текстови уште во 1903 година јасно прави дистинкција помеѓу Македонците како народ и различен од бугарскиот етникум.