Големите љубови на Драинац често предизвикувале скандали во Скопје

Раде залудно се обидувал да биде примерен сопруг. Продолжил да ги посетува кафеаните, театрите, приемите, баловите, додека Даринка го чекала дома.
На крајот, тој кренал раце од бракот – улогата на сопруг му паѓала многу тешко. Но со тоа не престанале неговите љубови и љубовните доживувања и скандали што ги создавал во Скопје

Постои еден конкретен повод да се навратиме на животот на еден од најпознатите скопски боеми од периодот меѓу двете светски војни. Имено, издавачката куќа „Везилка 2011“ минатата година направи одличен издавачки потфат, објавувајќи обемен избор од поезијата на Раде Драинац, која досега кај нас не беше многу позната и објавувана. Изборот е објавен под наслов „Бандит или поет“, а подготвен е од Ристо Лазаров, кој истовремено е и автор на поговорот и ги препеа стиховите на Драинац на македонски јазик. Станува збор за еден од најистакнатите српски поети на модернизмот, од т.н. „проколната генерација“, кој ги има доживеано голготата на Првата светска војна и преминот преку Албанија, за потоа во еден период да престојува во некои од европските центри. Голем дел од својот живот го поминал во Скопје, каде што оставил трага не само во културните збиднувања туку и во боемскиот живот по кој бил познат градот на Вардар. Како виден граѓанин и интелектуалец, писател, новинар и уредник на познати весници, имал постојано резервирано место во ложата на скопскиот театар, а неговото присуство на скопското корзо секогаш предизвикувало љубопитност кај младите дами. Своевремено, најстарите скопјани ми раскажуваа детали од животот на Драинац, за неговата боемштина, кафеаните во кои седел со пријателите, жените во кои бил вљубен.

Раде Драинац е неконвенционален во поезијата, но таков бил и во животот, не почитувајќи ги шемите и конвенциите. Од неговите големи љубови и симпатии во Скопје, најинтересна е женидбата со ќерката на скопскиот градоначалник Спиро Хаџи Ристиќ. Тој се оженил за неговата ќерка Даринка, позната и ценета скопска убавица. Но поетот не се оженил со неа поради материјална корист, ниту поради фактот што нејзиниот татко бил градоначалник, а подоцна и сенатор. Поетот бил „духовен вагабунд“ во вистинска смисла на зборот и сакал, ете, да се испроба и како младоженец. Дали иронично или не, тој на едно место запишал: „Човекот е премногу голема кукавица за да живее сам. Некој му е потребен, за да ги слуша неговите лудости или мудрости, да пати поради неговите несреќи, или да му става отровен прашок во ушите како во Шекспировите драми“.

Дедото на Раде Драинац, таткото на неговата сопруга, Спиро Хаџи Ристиќ, бил високообразован интелектуалец. Се образовал во Швајцарија и во Багдад. Во еден период бил и претседател на Трговската комора. Освен политички функции што ги имал, тој бил и трговец. Тргувал со опиум. На крајот, завршил трагично, како жртва на политичките пресметки. Бил убиен во Скопје во 1938 година. Неговата ќерка Даринка, која станала невеста на Раде Драинац, работела во Уредот за осигурување работници, поранешната на зграда на Градската болница. Даринка и Раде биле сосема спротивни личности. Даринка, тивка и повлечена, посветена на семејството. Раде залудно се обидувал да биде примерен сопруг. Продолжил да ги посетува кафеаните, театрите, приемите, баловите, додека Даринка го чекала дома. На крајот, тој кренал раце од бракот – улогата на сопруг му паѓала многу тешко. Но со тоа не престанале неговите љубови и љубовните доживувања и скандали што ги создавал во Скопје.

Идавачката куќа „Везилка 2011“ објави избор од поезијата на Раде Драинац

По неуспешниот брак, Раде заминал на Јадран, во Црна Гора, но тој секогаш му се враќал на градот на Вардар. Така било и овој пат. Повторно се вратил во Скопје и предизвикал нов скандал со својата симпатија на скопското корзо. Таа симпатија тој ја опеал и во своите стихови. Имено, Драинац се загледал во мажена жена, сопругата на еден познат скопски лекар. Таа имала обичај постојано да шета на корзото, држејќи ја за рака својата пет-шестгодишна ќеркичка. Нему ништо не му пречело за да ѝ се додворува на убавата дама, која му се допаѓала. Познатиот критичар Ѓорѓе Јовановиќ, кој во еден период живеел во Скопје, вака ја опишал нивната заемна љубов: „Тие двајцата водеа разговор од почетокот до крајот на корзото. За што разговараа – само тие двајцата знаеја. Лицето на оваа убава жена блескаше од внатрешно, духовно задоволство кога го гледаше Раде. Насмевката на нејзините усни секогаш беше блага и ведра како да е облеана од сонце. Само богот Амор можел да придонесе за таков израз на лицето. Драинац во друштвото на оваа жена изгледаше како наполно среќен човек. Дали тоа беа поетовите длабоки душевни или само миговни радости? Повеќе од сигурно беше дека стануваше збор за она првото. А тоа значеше дека меѓу Драинац и оваа жена се случуваше голема љубов. Поетот ’бандит’ и ’скитник’ знаел топло и страсно да љуби. А не е исклучено таа љубов да постоела и од порано“.

Иако постојат разни толкувања, критичарот што го опишува сето ова е убеден дека оваа дама од скопското корзо била онаа славна „драга Цица“, која Раде Драинац ја опеал во стиховите од песната „Банкет“. Во тие стихови, тој бара „капка љубов од нејзиното срце“, во еден нежен лирски тон: „Тебе, драга Цицо, ти го посветувам овој пенлив лирски океан, за само една капка љубов од твоето срце“.

Во Скопје, во една уличка покрај реката Вардар, каде што се наоѓала боемската кафена „Брегалница“ Раде доаѓал најчесто. Таму тагувал или славел, ги поминувал своите денови и ноќи. Велат дека во „Брегалница“ го собирал својот „поетски штаб“, на кој му припаѓале и познати артисти и музичари. Таму ги пишувал своите песни и статии, а често знаел да засвири на виолина. Таа скопска кафеана веќе не постои. Но споменот за големите скопски љубови на Драинац сѐ уште трае.