Скопскиот плоштад, во кругот е куќата на која се прожектираа филмови

Како функционираше кино џабе? Навистина многу необично. Проекторот беше сместен во една просторија во приземјето на Офицерскиот дом, а „платното“ се наоѓаше на ѕидот од куќата отспротива, со приземје и два ката. Тоа и не беше филмско платно, туку бело бојосан ѕид во вид на квадрат, урамен со црна боја. На тој бел квадрат се проектираа филмовите

Скопски легенди

Во Скопје, пред земјотресот, се живееше еден мирен, спокоен, материјално скромен, но духовно богат и внатрешно исполнет живот. И она што е најбитно, тој живот не беше едноличен. Покрај другите тогашни феномени, голема улога играа филмот и кината. Во тие рамки посебно место имаше популарното кино џабе, бесплатните проекции на филмови на отворено. И тоа не каде било туку во самиот центар на градот, на плоштадот, каде што денес се возобновува зградата на стариот Офицерски дом.
Како функционираше кино џабе? Навистина многу необично. Проекторот беше сместен во една просторија во приземјето на Офицерскиот дом, а „платното“ се наоѓаше на ѕидот од куќата отспротива, со приземје и два ката. Тоа и не беше филмско платно туку бело бојосан ѕид во вид на квадрат, урамен со црна боја. На тој бел квадрат се проектираа филмовите. Во квечерините, со паѓањето на првиот мрак, започнуваше големата претстава. По големите дневни горештини, Скопје го заплиснуваше првата мала вечерна свежина, за што придонесуваше близината на реката Вардар. Срамежливо се вклучуваа првите светилки, започнуваше вревата на скопското корзо, се слушаше џагорење на младите и децата, од сите страни се појавуваа скопските шетачи. Градот имаше препознатливи мириси и бои, атмосфера што понекогаш потсетуваше на филмовите од Фелини.
Тогаш, публиката си ги заземаше своите места на тротоарот и коцката на киното џабе. Постарите, кои живееја во близината, си носеа столчиња од дома, и така седнати, го чекаа почетокот на проекцијата. Тоа за нив беше еден вид домашно кино. Наеднаш ќе се слушнеше зуење на проекторот од просторијата на Офицерскиот дом.

Силна, блескава светлина како ласер се пробиваше над главите на посетителите и го означуваше почетокот на проекцијата. Прикажуваните содржини во кино џабе беа поделени во неколку дела и предизвикуваа посебно внимание. Најпрвин се прикажуваше журнал со актуелните вести. Потоа следуваа цртани филмови, кои предизвикуваа најмногу радост кај децата, но и кај повозрасните, како што беа јунаците Пајо Паторот, Мики Маус, Плутон, Снежана. На крајот доаѓаше централното филмско доживување од продукцијата на „Застава-филм“. Вљубените млади двојки гледаа филм држејќи се за раце, весели звуци допираа од плоштадот и од корзото под костените кај мајстор Кенан. Имаше додворувања, средби, раѓање на нови љубови. Можевте да прошетате на корзото и повторно да се вратите да го гледате филмот. Беше тоа спонтана ненаметлива зближеност и дружење меѓу луѓето. Кино џабе всушност се наоѓаше во познатото Пошта Маало, на простор на улицата Ленински Комсомол, во близина на другите две познати улици Илинденска и Орце Николов. Во околината беа и познатите кина „Младина“ и „Куклениот театар“ (кино и театар), како и главната пошта и пасажот Ароести.
Многумина скопјани од постарите генерации денес со задоволство се сеќаваат на кино џабе. Еден од нив вели: „Кино-џабе беше доживување за сите скопјани, од 7 до 77 години. Се даваа партизански, но и други филмови. Во сеќавање ми е останат познатиот филм ’Низ гранките небо’, снимен во 1958 год. Според некои сцени, личеше на филмот ’Козара’. Да не зборуваме за цртаните филмови што во тоа време беа реткост. Мислам дека кинооператорите главно беа аматери, се упатуваа во филмот и проектирањето обучувани од постарите. Подоцна и тие станаа познати мајстори на својот занает. Филмските аматери едно време имаа простории во Буњаковец, во близината на основното училиште ’Коле Неделковски’, каде што се наоѓаше и ’Народна техника’. Така, вистински чуда се случуваа во предземјотресно Скопје. Треба допрва да се снимаат филмови и да се пишуваат романи за него“.

Сцена од филмот-бајка „Чудотворниот меч“ (Баш Челик) што се прикажуваше во Кино Џабе

Во кино џабе се даваа за тоа време два многу познати филма. Едниот беше руската бајка „Камениот цвет“, редок повоен филм во боја. А најгледан од скопјани беше филмот „Чудотворниот меч“, снимен според мотиви од бајката „Баш челик“, реализиран во 1950 година, со многу познати артисти од тоа време. Во него имаше возбудливи сцени, грабнувања, пресметки меѓу доброто и злото, со среќен крај. Кинооператорите што ги проектираа филмовите за нас беа волшебници, без оглед дали стануваше збор за аматери или за познати професионалци. Нивните имиња и ден-денес ја обележуваат историјата на скопските кина, како што беа Абдула, познат по прекарот Гаврош, потоа Пандо Лазаровски, Стево Миовски-Шатка, Борче Блажевски, Звонко и др. Кино-џабе почнуваше со проекции на 10 јуни, кога завршуваше учебната година, а престануваше со работа на 5 септември, времето кога учениците поаѓаа на училиште. Но во нашите спомени, проекциите од волшебното летно кино џабе никогаш не престанаа.