Хотелот „Турати“ на почетокот на 20-тиот век

Во „Турати“ се изнесувале „решавачки мислења за иднината на Македонија“. По Италијанецот што бил сопственик, на почетокот на 20 век хотелот го презел нов газда, скопјанец, со кого е поврзана интересна приказна. Таа приказна ја открив пред неколку години, сосема случајно во еден разговор. Но неодамна се открија и нови детали за хотелот

Европската интелигенција најмногу била сконцентрирана во Скопје во текот на изградбата на пругата Солун – Скопје, во седумдесеттите години на 19 век, но и подоцна. Извонредно интересни детали за тој период даваат патниците и патописците што во тоа време престојувале во градот, откривајќи податоци што малку се познати. Првиот дел од пругата е завршен во 1873 год., а една година подоцна таа е продолжена до Митровица. По десет години, во 1883-та, почната е да се гради делницата кон Врање, а завршена е во 1888 год. Во тој период во Скопје вриело како во кошница – градењето пруга не е мала работа, и бил потребен високообразовен кадар, од инженери и лекари до разни други градежници и специјалисти за ваквите градби. Сите тие биле дојдени од повеќе европски земји во Скопје, и тоа од Франција, Белгија, Германија, Русија, Швајцарија, Австрија, Италија… Тогаш се случила една коинциденција што на Скопје му дала посебно значење – започнале да се отвораат голем број конзулати и дипломатски претставништва.
Каде се собирале во градот многубројната европска интелигенција и дипломатија и како го минувале слободното време?

Доминантни биле два скопски хотела со звучни имиња, кои се наоѓале во близината на железничката станица – хотелите „Европа“ и „Турати“. Таму оделе конзулите, инженерите, лекарите, светските патници и новинари што го посетувале Скопје, но и кремот на домашните познати и значајни личности. Тоа биле османлиските паши и заповедници, видни луѓе од разните сфери во градот. Тука „се среќавале сите интелектуални умови на градот Скопје“. Се муабетело, се играло билјард и дама, се коментирала домашната политичка ситуација, но и светските настани. Двата хотела ги држеле газди што по потекло биле Италијанци. Со текот на времето, сѐ повеќе приматот го земал хотелот „Турати“. Се пиеле разни квалитетни пијалаци – коњак, шампањско, пиво. Но најбаран пијалак била домашната мастика! Постојат записи дека во хотелот „Турати“, како и во хотелот „Европа“, постојано се одело на „чашка мастика“. Таму можело да се види „мошне симпатично друштво на инженери и службеници на железничката линија, учени, весели луѓе, духовити… Се јадело, се пиело и се пееле француски, италијански, германски и други песни“. Може само да се замисли колку биле интересни таквиот амбиент и атмосферата.

Впечатливи се описите на хотелот „Турати“ на француските патници (според истражувањата на професорот Љ. Монев), во кои за една хотелска соба се вели дека била „чиста, обелена со вар како калуѓерска ќелија“. Се смета дека хотелот „Турати“ бил толку значаен што го држел „монополот на цивилизациите“. На терасата на „Турати“ можеле да се сретнат „европски инженер со својот шешир и турски функционер со својот фес. Исток и Запад се мерат во партија билјард“. Во „Турати“ се изнесувале „решавачки мислења за иднината на Македонија“. По Италијанецот што бил сопственик, на почетокот на 20 век хотелот го презел нов газда, скопјанец, со кого е поврзана интересна приказна. Таа приказна ја открив пред неколку години, сосема случајно во еден разговор. Но неодамна се открија и нови детали за хотелот. Нив ми ги посочи педантниот истражувач на развојот на железниците кај нас и во светот и сѐ што е поврзано со нив, архитектот Владимир Петков. Близината на пругата и станицата му давала посебно димензија на хотелот „Турати“, како собиралиште на европските интелектуалци и дипломати, заедно со скопската елита. Во тие нови податоци, кои се оригинални записи од тоа време, може да се заклучи дека самиот сопственик на хотелот го носел презимето Турати. Тој починал во Скопје (Ускуб), каде што бил и погребен.

Хотелот „Турати“ (во кругот) се наоѓал на улицата „Принц Ѓорѓе“

Хотелот го наследила неговата сопруга. Таа подоцна се спомнува како мадам Турати и, по сѐ изгледа, по потекло била Австријка. Постојат и такви документи и записи од луѓето што престојувале во хотелот. Од собата на хотелот еден патник забележал дека тука се наоѓал пазар (се мисли на Зеленото пазарче) и дека во близината постоеле муслимански гробишта, а веднаш зад нив и христијански. Нивната локација се наоѓала приближно на местото на објектот на денешниот парламент. За хотелот „Турати“ пишувале италијански, англиски, германски и француски весници, и тоа во 1903, 1904, 1906 година, но и подоцна. Во еден солунски весник, кој излегувал на француски јазик, во 1907-та е објавен оглас во кој стои дека хотелот „Турати“ во Ускуб се дава под наем, а се наведува и под кои услови.

Така, газда на хотелот на почетокот на 20 век станал Џон Лацуку, зафатен скопјанец, кој го купил хотелот „Турати“. Неговата ќерка, Луција Лацуку, подоцна се омажила за Андон Ручигај, кој бил дојден од Словенија за време на Балканските војни и станал еден од најпознатите мајстори и газда на металска работилница во Скопје. Со Луција се запознале во скопската Католичка црква, меѓу нив се родила голема љубов, а од нивниот брак потекнува и нашата позната поетеса Даница Ручигај. Во „Турати“ се служел најквалитетен пијалак набавен во Солун, а постоел и посебен салон со пијано. Подоцна, во периодот меѓу двете војни, бидејќи имало услови за тоа, патувачкиот театар на Љуба Ристиќ ги изведувал претставите „Ѓидо“ и „Ивкова слава“ во хотелот. Објектот на хотелот „Турати“ се наоѓал на улицата Принц Ѓорѓе, која била паралелна со денешната улица Македонија и ја поврзувала железничката станица со плоштадот.