Камени корита за обработка на кожата во реката Вардар, 1913 година

Кожарскиот еснаф бил еден од најсилните во Скопје, а постоеле и големи табакани за производство на кожа. Освен на реката Вардар, табакани имало и на реките Лепенец и Серава. Табаканите биле градени на крајот од градот и ја означувале неговата граница

Скопје било надалеку познато по производство на кожа и кожена галантерија. Оваа стока трговците со карвани ја извезувале на сите четири страни од светот. Во градот се правела посебно квалитетна кожа, која ја имало само тука и никаде на друго место. Скопје се прочуло како заштитна марка за името жолт сахтијан. Традицијата за нејзиното производство потекнувала од дамнешни времиња. Трговците што се збогатиле, не правеле разлика меѓу жолтиот сахтијан и жолтото злато. Кожарската традиција е толку голема што дури и во осумдесеттите години од дваесеттиот век, во уличките од Старата чаршија кон Бит-пазар, постоеја дуќани за откуп на кожи.

На пример, по црвениот сахтијан бил познат Прилеп, а по белиот градот Призрен. Но скопскиот жолт сахтијан бил најбаран, не според бојата, туку според квалитетот. Тоа го потврдуваат и многуте записи од средниот век и турскиот период. Во својот „Краток извештај за патувањата во Унгарија, Србија, Бугарија и Македонија“, објавен во Лондон во 1673 год., познатиот Англичанец, доктор Браун, во своите описи вели: „Во градот има седумстотини дуќани што произведуваат кожа. Тоа го прават во долги големи корита и така создаваат одлична кожа, која се извезува на разни страни од светот“.

Замислете, во тој период имало 700 дуќани што произведувале кожи. Еден патописец од 1559 год. запишал: „Во Скопје на големо се обработуваат кожи, тие се главната трговија“. А во извештаите на англискиот конзул може да се прочита: „Производи од градот се испраќале за Босна, Албанија, а преку Србија, виа Ниш и Белград, за австриските пазари. Тоа било волна, кожа и други производи, а како размена се добивала австриска стока“. Речиси и не постои ваков и сличен извештај во кој не се споменува кожата како еден од најзначајните скопски артикли.

Како се произведувал жолтиот сахтијан? Постојат податоци што зборуваат за тоа дека ова производство било многу необично и егзотично. Најпрвин, сувата јарешка кожа се ставала во вода, каде што морала да отстои три-четири дена. Потоа, кожите се триеле со специјален алат, наречен ел демири. Следната фаза била постилањето на кожите на земја и нивното посипување со вар. Варта се растворала во вид на маштеница, а кожите потоа е прскале со специјално изработена коњска опашка. Таа фаза се нарекувала „ставање маја“. Најинтересниот дел бил нивното обработување во големи камени корита, кои се држеле во вода, обично на брегот на реката Вардар. Во летните денови, кожата во нив се газела со боси нозе, а во постудените денови со чизми. Но уште поинтересен е завршниот дел, кога производот се ставал во големи буриња во реката Вардар и тие се вртеле во водата со голема брзина. На тој начин кожата се плакнела, а потоа била подготвена да се суши и пакува. Постарите скопјани ми имаат раскажувано дека таквите необични слики на бурињата што се вртат во реката Вардар можеле да се видат кај Камени мост и кај Железниот мост, во близината на денешната МАНУ.

Кожара покрај Вардар со персоналот, 1920 година

Од жолтиот сахтијан се правеле папучи, но и чевли од највисок квалитет. Првпат кондурите, како што ги нарекувал народот, започнале да се изработуваат во Скопје кон средината на 19 век. Познат е и првиот чевлар, тоа бил мајсторот Станко, со калфата Коста. За да добијат чевлите убавина и сјај, тие сахтијанот го превртувале од опачината, а потоа опачината ја триеле со остра, рапава хартија, за кожата да биде мазна и привлечна. Мајсторите правеле разни видови обувки, а некои од нивните имиња се карактеристични за нашето поднебје: памбичиња, мички кондуриња, пискулија. Така се заведени и во записите од почетокот од 20 век. Кожарскиот еснаф бил еден од најсилните во Скопје, а постоеле и големи табакани за производство на кожа. Освен на реката Вардар, табакани имало и на реките Лепенец и Серава. Табаканите биле градени на крајот од градот и ја означувале неговата граница. Табакана некогаш постоела северозападно од Камени мост, под Калето, а онаа што ние ја паметиме беше познатата „Кожара“ во Ќерамидница. Подоцна беше отворена и најмодерна фабрика за кожена галантерија.

На крајот на 19 и почетокот на 20 век се менува модата, а со тоа се менува и изгледот на обувките. Ориенталната мода а ла турка полека ѝ го отстапува местото на модата а ла франга, како влијание што доаѓало од Западот. Индустриското производство започнува да го преплавува пазарот, особено производите на чешката фабрика „Бата“, а подоцна се вклучува и „Борово“. Сепак, Скопје е надалеку познато по своите мајстори чевлари што изработуваа чевли по најнова мода и со највисок квалитет. Имињата на мајсторите сами по себе се легенда. Во 1950-тите години, најголемите фраери на корзото ги носеа познатите „шпиц“ или „шими“ чевли. Жените пред војната носеле елегантни чевли со високи потпетици. Главни муштерии им биле познатите артистки од театарот, Мери Похрадски, Мила Герц и др. Сѐ до поново време, чевли порачувавме и во чаршија, во дуќанот кај „Димко“, спроти Безистенот, кој потоа се пресели во трговскиот центар и други места, како симбол на една долга традиција.