Уште Прокопиј, хроничарот на царот Јустинијан Први, во својата хроника од 6 век, пишува дека во градот Јустинијана, основан од царот, имало многу богати пазари. „Бит-пазар“ го добил името со доаѓањето на османлиите, иако постоел неколку века пред тоа

Осовременувањето и модернизацијата на „Бит-пазар“, кои се во тек, повторно нѐ враќаат на големото значење што го имале скопските пазари низ историјата. Одењето на пазар е ритуал што се практикува од дамнина до денес. Но тој ритуал не значи само снабдување со намирници. Тоа е навика и страст за средби, опуштеност, лаф-муабет, пазарење, како што навика може да биде и пиењето кафе или играњето табла.
Уште Прокопиј, хроничарот на царот Јустинијан Први, во својата хроника од 6 век, пишува дека во градот Јустинијана, основан од царот, имало многу богати пазари. „Бит-пазар“ го добил името со доаѓањето на османлиите, иако постоел неколку века пред тоа. Тој е основан во 12 век, од панаѓурот што се одржувал на истиот простор, а бил организиран од манастирот „Св. Ѓорѓи-Горга“ на ридот кај денешната Саат-кула. Од панаѓурот се развило големо пазариште, а стоката била складирана во специјално изградени магацини и складишта од кои подоцна била подигната чаршијата. Всушност, „Бит-пазар“ не бил отсекогаш најголем пазар во градот. Во еден период, најголемиот пазар бил под Калето, на празниот простор под тврдината, наспроти Вилаетскиот конак (подоцна „Рубин-кармин“), Мустафапашината џамија и црквата „Св. Спас“. Затоа, често бил нарекуван и пазарот кај вилаетот или кај „Св. Спас“.

Овој пазар најмногу бил познат под името Пазариште. За време на пазарните денови, под Калето се собирало речиси цело Скопје, а се нудела стока не само од околните села туку и од околните градови. За да можел да функционира тој огромен простор, а тоа е посебен куриозитет, бил поделен на повеќе мали пазари. Сакате да купите риба? Повелете на Балук-пазар. Сакате овошје? Повелете на Емиш-пазар. Ако сте за млеко, сирење, урда или матеница, тогаш дојдете на Чомлек-пазар. Лимарските производи биле изложени на Тенеќиџи-пазар, сувото месо на Пастрма-пазар, крупната стока на Ајван-пазар.

Ова Пазариште доминирало со години во градот, особено во деветнаесеттиот век. Познатиот патописец Ами Буе во 1840 год. запишал: „Пристигнавме на пазарот, пред тврдината, лоцирана западно од брегот на Вардар, на едно ниско ритче, на местото на еден стар римски кастел. Многубројни групи на селани, запрежни коли и добиток го исполнуваат тој простор… Тука се продаваше пченица, пченка, зеленчук, овошје, грнци“. Еден друг патописец ќе забележи дека на тој пазар се собирале од 4.000 до 5.000 селани и селанки, каде што „можеле да се видат сите носии и да се слушнат сите јазици“.

Патописците биле воодушевени од овој и од другите пазари, бидејќи навистина било импресивно да присуствуваат толкав број селани и селанки, а згора на тоа да се зборуваат толку многу јазици. Овој пазар се спомнува во дваесеттите и триесеттите години од минатиот век, а потоа постепено исчезнува. Приматот како главен пазар го презема „Бит-пазар“. Тука се случувале секакви чуда: од акробатски претстави, но и кинопретстави, во популарното кино „Братство“, театарски изведби, во театарот на националностите (Албанскиот и Турскиот театар), првите позајмени книги во библиотеката „Цветан Димов“, првата боза и измирска алва во „Баш пеливан“, првите примероци на „Кекец“, стрипот „Принц Валијант“, „Плави вјесник“ и стрипот за Антрацит, првите романчиња „Х-100“ од Фредерик Ештон („Лун, кралот на полноќта), првиот филмски свет во продавницата за весници кај чичко Имер, првата песнарка со текстовите и нотите од фестивалот во Сан Ремо.

Во еден извештај од скопската општина од 1928 год. со осврт на претходните години, забележано е дека во Скопје имало неколку поголеми пазари, и тоа: Голем сточен пазар во Чаир, пазарот кај црквата „Св. Спас“, „Бит-пазар“ и пазарот кај артилериската работилница, односно денешното „Зелено пазарче“. Подоцна се спомнува и пазарчето „Буњаковец“. Во истиот извештај се наведува дека во тој период во Скопје требало да се изградат два комплекса од модерни пазари, едниот откриен, другиот покриен. За жал, тие пазари по европски модел никогаш не се изградиле, иако биле архитектонски и урбанистички конципирани, а тие нацрти и денес можат да се видат во дел од документацијата што постои за градот.

Денес, секоја поголема населба има свој пазар, и тоа е добро. Меѓутоа, она што недостига се реконструкција, ревитализација и модернизација на старите пазари, кои со години темелно не се обновувани. И добро е што, еве, се започнува со „Бит-пазар“. Ако таа ревитализација и модернизација бидат добро изведени, пазарот нема ништо да загуби од шармот, од ексклузивноста и разнообразноста, од големото шаренило на производите и купувачите. „Зеленото пазарче“ и „Буњаковец“ исто така.

Ориенталниот дух на некои од пазарите треба да се збогати со европската традиција, во смисла на нивното средување и осовременување, како што може да се види во многу градови во светот. Пазарите зависеле пред сѐ од производството на земјоделските и другите производи од околината на Скопје. Градоначалникот на Скопје, Салих Асим, во својата книга посветена на градот, објавена во 30-тите години од дваесеттиот век (скратената верзија објавена е во 1908 година) ги спомнува токму производите што биле надалеку познати: „Се одгледува… пченица, јачмен, пченка, арпаџик и различни видови зеленчук и овошје. Особено се збогатуваат видовите калемени овошни фиданки и лозја, што ги одгледуваат и продаваат државните расадници како и други трговци“. Скопје отсекогаш било познато по производство на бамји, кои главно биле носени во дворецот на султанот во Истанбул. Тие се сметале за посебен специјалитет. Од трговијата зависеле во голема мера и пазарите, а Скопје по неа било надалеку познато.