Саат-кулата со дел од средновековни ѕидини

Тајните поврзани со објектите што се граделе под и околу Саат-кулата и џамијата „Султан-Мурат“ биле откривани многу подоцна. Така, на пример, откриено е дека во турбето на Бикиј Хан, била погребана една од сестрите на султанот Сулејман Величествениот, бидејќи таа во еден период живеела во Скопје

Скопски легенди

Значаен дел од историјата на Скопје се поврзува со Саат-кулата, особено од втората половина од 16 век кога таа била изградена. Звучи речиси неверојатно тврдењето на еден патописец кога ќе запише дека таа е „првата Саат-кула на територијата на османлиската држава“. И не само тоа, туку дека тоа бил единствениот таков часовник во целото царство. Французинот Мишел Дипрен, во 1573 година вели: „Овде има еден јавен часовник, кој се слуша во целиот град и кој ги отчукува часовите на француски начин. Го донеле од Сигет во Унгарија, а заедно со него го донеле и неговиот мајстор, кој прима добра плата. И покрај тоа што Турците во голема мера ги сакаат часовниците и многу ги ценат, во цела Турција ова е единствен јавен часовник“.
Тајните поврзани со објектите што се граделе под и околу Саат-кулата и џамијата „Султан-Мурат“ биле откривани многу подоцна. Така, на пример, откриено е дека во турбето на Бикиј Хан, била погребана една од сестрите на султанот Сулејман Величествениот, бидејќи таа во еден период живеела во Скопје. Се смета, исто така, дека тука, на Виргинов Рид, се наоѓал манастирот „Св. Ѓорѓи Скоропостижник“, и дека на еден од неговите ѕвонци е подигната Саат-кулата. На почетокот на 17 век, кога е правен планот за обновата на џамијата „Султан-Мурат“, подготвен е и нацрт за Саат-кулата, за која се вели дека била обновена и го имала обликот од пред пожарот од 1689 година. Денешниот изглед таа го добила во 1902/3 година. Дрвениот, горен дел бил урнат, а кулата била изѕидана од печена тула донесена од Солун. Од Швајцарија бил купен и монтиран нов, скапоцен часовник. Оттогаш, почнуваат перипетиите и тајните со неговото исчезнување, кои личат на возбудлив криминалистички филм, бидејќи многу светски колекционери биле заинтересирани за него. Во сета таа мистерија околу подоцнежното исчезнување на часовникот, ќе придонесе и скопскиот земјотрес од 1963 година.

Пред повеќе години, скопјанецот Н.Б. со група истомисленици, беше најголемиот ентузијаст да се врати часовникот на Саат-кулата во Скопје, односно да се монтира негова нова, современа варијанта. Тој дури направи прецизен елаборат како сето тоа стручно да се изведе. Стариот часовник од пред земјотресот имал сложен механизам и бил скапоцен, затоа требаше да се избере достојна замена. Н.Б. отпатувал за Чешка. Близу градот Брно се наоѓа фабриката „Елтон“, која произведува часовници слични на скопскиот. Тие можеле да издржат температура од плус 70 степени во лето, и минус 40 степени во текот на зимата. Ѕвоното, со моќниот ударен чекан, можело да се слушне дури на 12 км оддалеченост.
Постоеја две, речиси криминалистички варијанти на приказната, која зборува за тоа како исчезнал часовникот во времето на скопскиот земјотрес од 1963 година. Според првата верзија, часовникот бил изваден од кулата уште пред земјотресот, за да биде однесен на поправка. Оттогаш исчезнал, никогаш повеќе не бил вратен. Втората верзија зборува дека по земјотресот, часовникот бил демонтиран и однесен во непознат правец. Некои остатоци од конструкцијата на часовникот, верувале или не, можеле да се видат, фрлени како отпад, во шутот до Саат-кулата, во времето по земјотресот. Интересирајќи се за стариот часовник, Н.Б., по една препорака, заминал во Грац, кај еден од најпознатите светски колекционери на часовници. Тој и денес тврди дека стариот скопски механизам се наоѓал таму. Идејата на Н.Б. да се постави нов чешки часовник, не се оствари. А и не можеше да се оствари, зашто една таква сизифовска, но благородна работа кај нас тешко се остварува. Сепак, добро е што пред десетина години се поставија нови, иако дигитални часовници, поставени од страна на општината Чаир. За жал, денес тие повторно – не функционираат. Навистина нема среќа нашата скопска убавица, Саат-кулата.

Сепак, малку е познато дека делови од конструкцијата на стариот часовник сѐ уште постојат во Саат-кулата. Тоа се навистина раритетни, патинирани предмети што треба да се видат. Станува збор за необични делови од старата конструкција, пред сѐ од надворешниот дел што го држел главниот механизам. На самиот врв се наоѓа и некогашното ѕвоно. Ретко кој се има искачено на врвот од Саат-кулата. А тоа е навистина исклучително доживување, поради нејзината внатрешност и панорамата на Скопје што може оттаму да се види. Кога се искачувавме на кулата, чуварот на шега ни вели: „Внимавајте, полека, има точно 105 скали“. Тоа е голема височина. Скалите се направени од цврсто, дабово дрво. Но исто така куриозитетен е начинот на кој се отклучува и се влегува во кулата. Низ малото вратиче ви се присторува дека наеднаш влегувате директно во историјата. Саат-кулата, тоа наше историско и културно богатство никако да го направиме пристапно за нашите домашни гости. Но и за сѐ повеќебројните странски туристи.

Во близината на Саат-кулата се наоѓа турбето во кое е погребана сестрата на Сулејман Величенствениот