Скопските ловџии ги подариле првите животни на Зоолошката градина / Скопските ловџии ги подариле првите животни на Зоолошката градина

Тоа што скопските ловџии својот лов ѝ го подарувале на зоолошката градина што се формирала, не е случајно. На поинаков начин и не можело да се дојде до првите примероци. Ловџиството во Скопје има богата традиција, со оглед на големиот број планини и ловишта и изобилството разновидна фауна

Скопски легенди

Има многу заслужни луѓе за градот што денес сме ги подзаборавиле или не им го посветуваме заслуженото внимание. Некои од нив се познати само во тесните кругови на науката. Еден од нив е и доктор Станко Караман, основачот на Природонаучниот музеј и на зоолошката градина во Скопје. И не само на нив. Овој исклучителен човек, биолог, заслужен е за основање институции и голем број истражувања со кои го задолжил градот што треба да го чува споменот за него.
Доктор Станко Караман има извонредно интересна животна судбина и богата научна кариера. Иако е роден во Сараево, во 1889 година, тој потекнува од интелектуално сплитско семејство. Велат дека и ден-денес во Сплит постои кино со име „Караман“, основано пред многу децении. Тој првпат кратко време престојувал во Скопје во 1922-та, за повторно да му се врати на градот во 1923-та и да остане во него до почетокот на војната во 1941 година. Најпрвин бил поканет како паразитолог да ја сузбива маларијата, која тогаш имала пандемиски размери.

Подоцна со голем успех ја истражувал фауната во Македонија. Во 1926 година тој ја повел иницијативата за основање зоолошки музеј како зачеток на скопскиот Природонаучен музеј и зоолошката градина, онакви какви што ги знаеме денес. Својата сопруга, која била Словенка, ја запознал во Скопје и со неа стапил во брак во 1934 година. Семејството (синовите Младен и Гордан и ќерката Билјана) повеќепати се селело за време на војната низ неколку града на поранешна Југославија, за конечно повторно да му се врати на Скопје во 1952 година. Живееле во зградата на Природонаучниот музеј, која пред земјотресот се наоѓаше до популарното кино „Младина“, во близината на плоштадот.
Пред повеќе години имав ретка можност да ја запознаам ќерката на доктор Караман, Билјана Караман, во професорската зграда на улицата Орце Николов. Таа веќе беше во пензија, извонредно витална, ме пречека љубезно и расположена за разговор. Спомените сами навираа. Целиот стан беше преполн со фотографии и книги од нејзиниот татко, со голем број сеќавања за семејството, а тука беше и бирото на кое работел доктор Станко Караман.

Своето кажување Билјана го започна со еден вистински куриозитет: „Сите во семејството сме биолози“, велеше таа. „Мојот дедо бил биолог, биолози беа татко ми и мајка ми, биолози сме јас и моите браќа, и не само тие. Моите снаи се биолози, внуците ми се биолози. И сите сме доктори на науки“.
Таа се сеќаваше дека татко ѝ бил извонредно непосреден и широк човек, полн со ентузијазам. Се занимавал со истражување на рибите, но и на подземната фауна. Ја имал опишано пастрмката салмолетница, на која ѝ го дал и латинското име. Билјана се сеќаваше на написите од весниците што подоцна ги читала, дека при основањето на зоолошката градина и музејот, татко ѝ комуницирал со многу ловџии, кои му носеле примероци од животни и ги подарувале. Некои од нив биле специјално препарирани, и тие биле вистинска атракција. А чувањето на животните во зоолошката градина било според сите современи стандарди за тоа време. Доктор Караман е иницијатор и за засадување на вториот и третиот дел од Градскиот парк и не случајно во тој дел се наоѓа и зоолошката градина. Тој исто така е иницијаторот за појавување на првите природнаучни списанија кај нас.

Д-р Станко Караман (десно), основачот на скопската Зоолошка градина

„Ние немавме одмор“, велеше Билјана. „Нашите најубави и највозбудливи одмори беа кога татко ми нѐ носеше на своите возбудливи истражувања“, додава.
Таа раскажува и за старо, предземјотресно Скопје, кога, како што велеше таа, „градот беше многу убав, секој се грижеше за зеленилото, секој си го негуваше тревникот пред својата куќа“.
Тоа што скопските ловџии својот лов ѝ го подарувале на зоолошката градина што се формирала, не е случајно. На поинаков начин и не можело да се дојде до првите примероци.

Ловџиството во Скопје има богата традиција, со оглед на големиот број планини и ловишта и изобилството разновидна фауна.
Во тоа време, пред Втората светска војна, постоело стрелиште во Скопје, кое, според записите, се наоѓало на просторот на Долно Водно. Кога војската не го користела стрелиштето, го користеле жителите на градот, пред сѐ скопските ловџии, кои ги усовршувале своите ловечки вештини. Дури постои и една интересна анегдота за скопските ловџии и боеми од тоа време. Имено, еден познат новинар што работел во скопски весник, постојано бил исмеван од другарите дека е лош стрелец и ловџија. За да им го докаже спротивното, тој еден ден застанал со пајтон пред кафеаната „Маргер,“ каде што обично се собирале новинарите и боемите, а во неговиот пајтон се наоѓала вистинска мечка застрелана право во срцето! Сите се разбегале, мислејќи дека таа е жива.

Бидејќи се сомневале во него како стрелец, еден ден тајно го набљудувале како нишани во целите на стрелиштето. Не само што го промашувал центарот туку не ја погодувал ниту целта! Мечката всушност ја убил некој негов другар, а тој само ја презел од него. Затоа останала шегата: „Господин Михаило, истребувач на диви животни и разни други ѕверови“.
Доктор Станко Караман починал во 1959 година. Она што го создал д-р Караман и воопшто семејството Караман, денес е жива историја и живо наследство на нашата наука и култура.